Семејството на притворениот Митко Чавков, испрати реакција до јавноста по повод одлуката на Кривичниот суд Чавков да се врати во истражниот затвор во Шуто Оризари, на издржување на мерка притвор.
Во прилог целосно ја објавуваме реакцијата на семејството:
„Тажно е да се гледа тоа што се случува во моментов. Кога еден претседател на суд дава паушални и неиздржани изјави, само за да оправда една неоснована одлука, што останува за останатите судии. Некој сака да продолжи да се изживува со нас како семејство и да го брани тоа што не може да се одбрани. Нема ниту еден аргумент за да се погази одлуката на Врховниот суд од страна на првостепениот, само 24 часа откако таа беше донесена. Врховниот суд оцени дека мерката куќен притвор е доволна гаранција дека Митко Чавков нема да бега, а само еден ден подоцна пониските судови одлучија дека Врховниот суд не бил во право и повторно гледавме апсења и специјалци и враќање во притвор во Истражниот затвор. Манипулациите од страна на Претседателот не ја менуваат фактичката состојба, само покажуваат дека во предметот има повеќе политика отколку право.
Вистината е следна. Митко Чавков беше уапсен на истата адреса на која што беше уапсен со специјалци и првиот пат. Митко Чавков пред три дена беше уапсен на истата локација, односно во истиот дом во кој што беше префрлен за да ја издржува мерката куќен притвор. Дали некој сака да креира дополнителни сценарија и зошто му се тие потребни е веќе друго прашање.
Дали некој намерно испраќал полиција на други адреси само за да го покрие изживувањето е прашање кое натаму ќе се расчистува. Во личната карта на Митко Чавков стои друга адреса заради тоа што 120 дена беше во притвор и не беше во можност да ја замени. Станот кој што е наведен во личната карта е во сопственост на МВР и извршено е примопредавање веднаш откако истиот беше напуштен, со добивање на решението за исселување по завршениот ангажман во министерството. МВР и судот ова го знаат. Исселувањето беше објавено и во медиуми. Во полиција е пријавена и новата адреса и од страна на Митко Чавков и од страна на адвокатот. Кому му требаат ваквите политички циркузи, на штета на граѓаните кои покажуваат дека институциите се само слепи извршители на наредби?“, се вели во реакцијата на семејството на Митко Чавков испратена до редакцијата на НетПрес.