Семејствата на обвинетите во Детонатор: Од кога Дацо Белски стана буџет на РМ?

by Фокус

Семејствата на осудените во случајот Детонатор, испратија соопштение до јавноста. Соопштението ви го пренесуваме интегрално.

„Наводно оштетениот „Дацо Белски„ во монтираниот политичко-полициски судски процес  „ДЕТОНАТОР„ од вчера е прогласен за „државен интерес„!

Скопска Апелација го потврди Решението на Кривичниот совет на Основен суд 1 за замрзнување на имотот и сметките на осудените и нивните семејства, на нивните деца, жени, фирми, мајки и татковци! Патем, Решението за замрзнување на средства и имот  е донесено на 05.04.2012 година и според закон треба да се преиспитува на секои 2 месеци, а во образложение на истото е наведено дека оваа мерка е донесена заради заштина на државниот интерес поради можни даночни затајувања и финансиски криминал кои би го оштетиле буџетот на РМ. Во финишот на лудницата наречена ДЕТОНАТОР, нема финансиски криминал ниту даночно затајување! Цели 3 години ова Решение не се преиспита! Многу се зафатени судиите ни наши, дека судат нели ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РМ…

Никаде во Законот за кривична постапка (кој  уредува замрзнување на средства и имот на обвинети) не стои дека истата мерка ќе се применува за обезбедување на побарување на оштетен (физичко или правно лице), туку само и единствено за обезбедување во случај кога државата е оштетена.

Ние, семејствата и роднините на обвинетите во монтираниот случај ДЕТОНАТОР отворено ги прашуваме: Сашо Мијалков, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески како и судиите Весна Димишкова и Лиљана Шопова:

– од кога Дацо Белски е држава во државата?

– Од кога Дацо Белски е буџет на РМ?

– Од кога цела институција наречена „судство„ се стави во заштита на наводно оштетениот, наместо во заштита на државата?

– По кој член од законот судат  судиите во РМ?

– Кој е нарачателот на оваа „местенка„?

Дали некој во нашиот правен систем размислува за семејствата на обвинетите, за нивните деца, сопруги и родители на кои сметките им се замрзнати со години? Дали некој размислува дека на овие луѓе им е одземено основното човеково право на живот? Со што да се хранат семејствата на обвинетите кога сметките, платите, штедните влогови им се замрзнати со години? Дали некој ќе сноси одговорност за малтретирањето и психичкото уништување на цели семејства кои се жртви на еден судски систем заснован на Сваровски кристали, пушење и задолжување на судијата за цел живот!?

На крајот на краиштата, за кој државен интерес сме замрзнати 3 години? Зарем Дацо Белски е буџетот на РМ?

Јавно се обраќаме на Никола Груевски и неговите послушници:

3 години како бел леб ги јадете нашите најмили по затворите и ги третирате како најголеми криминалци! 3 години нас, нивните фамилии не оставате без минимални услови за пристоен живот со замрзнувањето на сметките! 3 години талкаме по судовите и бараме правда за невино осудените! И конечно после 3 години, се уверивме и ние а и цел македонски народ како Вие ја спроведувате правдата, како ставате ред по судовите и како решавате човечки судбини по телефон! И притоа се смеете!

Нема да престанеме со нашата борба се додека нашите татковци, браќа, синови и сопризи не добијат судење од независни судии. Нема да престанеме да Ве колнеме и да се бориме секој нов ден, да се бориме криминалците и непријателите на оваа држава да ги заменат местата со нашите невино осудени најблиски.

Господ е голем, правдата мора да излезе на виделина! Ние живееме за тој ден!

Семејствата и блиските на ДЕТОНАТОР

 

Поврзани новости