Семејниот пријател, Ислам Абази може да го истражува внукот на Ахмети

by Fokus

Јавното обвинителство може да отвори постапка за проверка, пред се на финансиските текови на младиот внук на Али Ахмети, Дрин Ахмети кој стана сопственик на 39 проценти од „Соравиа“.

Ова е ставот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој вели дека јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи надлежни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи по прес-конференцијата на Дрин Ахмети кој обелодени дека не дал ниту еден денар, а ќе поседува 39 отсто од деловниот центар „Соравиа“.

Но, на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е Ислам Абази, релативно новиот раководител на ова Обвинителство, кој кога беше избран се поврзуваше со челниците од ДУИ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е од Зајас, Абази е негов соселанец, а таму е роден и Дрин Ахмети. Иако на првата и единствена прес-конференција Абази се дистанцираше од Ахмети, сепак во јавноста се појавија слики на кои Абази седи со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на „Ловечка вечера“ на голема маса со многу луѓе.

Но, најопуштена семејна слика Абази имаше со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети. Сликата покажува дека се на некоја семејна седенка во опуштена атмосфера.

Абази тврдеше дека никогаш не бил член на политичка партија, но фотографиите кои се појавија во јавноста го ставија под сенка на ДУИ.

Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети вчера на прес-конференција пред јавноста објаснуваше како се случила бизнис зделката за купување на деловниот центар „Соравиа“ кој има долг од 20 милиони евра. Младиот ахмети преку фирмата „Тхор индустри“ заедно со албански бизнисмен го преземаат долгот за купување на деловниот центар и стануваа сопственици.

Албанскиот бизнисмен со компанијата „Пев-ла-ку“ станува сопственик на 51 отсто, Ахмети добива 39 отсто, а 10 проценти му остануваат на австрискиот бизнисмен, Хано Соравиа.

Нивната цел била да го направат центарот профитабилен,а Дрин тврдеше дека неговиот чичко нема никаква врска со неговите бизниси. Сепак кажа дека тој е негова мотивација и да не бил тој немало да ја имаме Македонија.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости