Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова се растрчани на средби со граѓаните, со цел да соберат што повеќе гласови во пресрет на вториот, финален круг од претседателските избори.
Имер Селмани, кој беше претседателски кандидат во изборите во 2009 година, го изнесе својот став за „Фокус“ околу целокупната ситуација со изборот за нов прв човек на Македонија.
„Резултатот од изборите не е воопшто лош и беше пријатен во смисла на фер и демократски избори, она што за што се тежнее на последните неколку циклуси. Првпат после неколку циклуси да имаме општоприфатливи избори и што е многу важно, е тоа да немаме ниту една поплака од партиите“, вели Селмани.
Како што додава тој, граѓаните на Македонија се единствените победници од овој претседателски циклус.
„Ние видовме дека сите партии се однесуваа победнички по првиот круг. Во суштина, победник е демократијата во Македонија заедно со граѓаните. Ако длабински анализираме, се заклучува дека кандидатот Стево Пендаровски има мала предност. Тоа е затоа што само тој успеа да добие гласови од сите етнички заедници. Река имаше гласови од албанската заедница, Силјановска имаше исклучиво од македонската заедница, а Стево Пендаровски има најголема можност да добие гласови, не само од албанската, туку и од останатите помали заедници. Тие во овој изборен циклус ќе бидат клучен фактор коишто ќе го детерминираат победникот“, вели Селмани.
Албанските гласови имале суштинска улога во изборот на минатите претседатели на државата, истакна Селмани.
„Да не заборавиме, дека за победите на Трајковски, Црвенковски, па дури и на Иванов, беа пресудни гласовите на Албанците. И на овие избори, клучни ќе бидат гласачите Албанци кои ќе го определат победникот“, порача Селмани.
Во првиот круг на изборите имаше слаба излезност, а според Селмани, тоа е резултат на сите неостварени ветувања од политичарите.
„Од една страна, луѓето се изморени што цело време на некој начин се рециклираат изборите, а од друга страна се сите ветувања кои не успеваат да се реализираат. Тоа ги внесува во некаква апатија граѓаните. Тука е и самата реторика и самата кампања, која во првиот круг го немаше тој адреналин голем, за да мобилизира масовно луѓе. Верувам дека во вториот круг ќе има поголема мобилизација, но народот испрати порака дека е созреан и тоа што се ветува треба да се испочитува, без разлика од каде доаѓаат ветувањата“, го заврши разговорот Селмани.
Јорданчо Цветаноски