Тројца мажи обвинети за силување и проституција на девојче кое немало ни 14 години

by fokus

Против тројца мажи од едно гостиварско село е поднесен обвинителен акт за полов напад врз девојче од гостиварско кое немало ниту 14 години. Станува збор за 58-годишниот Н.Е, 55-годишниот Б.М. и 62-годишниот А.М. Двајца од нив се товарат за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, а еден од нив и за посредување во вршење проституција. На обвинетите им се заканува затворска казна од најмалку 12 години.

Според обвинението силувањето врз девојчето траело од март до јули минатата година. Се започнало кога еден од обвинетите управувајќи возило го сретнал детето и на сила го внел во возилото. Потоа го однел на запуштено место каде извршил обљуба врз неа, а потоа и дал паричен надоместок.

„Второобвинетиот во јули 2018 година му понудил пари на детето – жртва, по што извршил обљуба во неговата семејна куќа. Во текот на следните месеци второобвинетиот го наведувал и поттикнувал детето да остварува контакти преку социјалните мрежи со цел остварување на сексуални односи со други лица, а за тоа барал детето да наплатува и да го известува. Поради стореното, второобвинетиот освен за Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, се товари и за сторено кривично дело Посредување во вршење проституција од член 191 став 1 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителство.

Од таму додаваат дека третообвинетиот,  кој се гони за продолжено вршење на кривичното дело, извршил обљуба врз детето повеќепати, искористувајќи ист траен однос и иста прилика.

Тројцата мажи беа уапсени лани во октомври, а надлежниот јавен обвинител побара од судот во Гостивар да им биде продолжена мерката притвор.

Поврзани новости