„Ако Мицкоски постави ултиматум и вика нема да има уставни измени, нема да има Влада. Ќе мора да се најде модалитет, мора да има промена на уставот“.
Ова вчера го изјави лекарот, бизнисмен и поранешен политичар, Имер Селмани во поткастот „Политиканти“.
Тој додаде дека притисокот за уставните измени ќе биде голем од албанските партии бидејќи доколку некоја партија влезе во Влада, без да се спроведат уставните измени ќе загуби многу.
„Можеби да имаме и таков амбиент во државата, што нема да се чекаат ни наредните избори, туку ќе мора да има предвремени избори“ рече Селмани.
Имер Селмани кој е поранешен градоначалник на Општина Сарај, министер за здравство во првата влада на Никола Груевски, а потоа и потпретседател на Владата, но и многу успешен претседателски кандидат кој привлече голем број гласови од македонското гласачко тело вели дека „Едно е јасно, Стево Пендаровски се труди да добие гласови надвор од својата етничка заедница, а Силјановска не го прави тоа. Тоа може да биде нејзин хендикеп“.
Тој повтори дека слична ситуација се случила и во 1999 година, кога Тито Петковски загубил предност од илјадици гласови бидејќи рекол дека не му требаат албанските гласови.
„Мора да имате една програма, не може да имате две – една за политичкиот етникум, друга за останатите. Особено не денес, бидејќи врие од видеа, социјални мрежи. Не може ништо да скриете. Стево има поголем коалиционен капацитет, како и СДСМ“ рече Селмани.