Поместување на ставовите на двете спротивставени страни кои нѐ доближуваат до договор за уставни измени, е првичната оценка на аналитичарот Сефер Селими од „Демокраси лаб“ по денешната лидерска средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Мислам дека има поместување на ставовите, особено по фрлената ракавица на ВМРО-ДПМНЕ за заедничка влада без ДУИ и јавното прифаќање на ова барање од страна на ДУИ, поблиску сме до договор за промена на Уставот, анализира Селими за „Фокус“.
Екстремните и максималистички барања на двете страни, особено на опозицијата, според Селими, се вообичаени на почетокот додека не се дојде до заемно прифатливо решение и да се договори форматот и начинот за да се дојде до уставни измени.
Првото максималистичко барање на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на заедничка влада без ДУИ, кое изненадувачки, беше прифатено од страна на ДУИ, според Селими, ја „фати“ опозицијата неспремна. Но, во секој случај, Селими поентира дека по денешната лидерска средба најголем победник е ДУИ.
-ДУИ во секој случај доста паметно и итро изигра и е победник од оваа позиција, затоа што се прикажува дека државните интереси им се побитни од власта и отвораат можност да се случи влада без ДУИ. Со тоа ја имаат добиено позицијата на терен и се прикажуваат дека не се пречка, туку движечка партија кон ЕУ, вели Селими.
Другото максималистичко барање на Мицкоски беше евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27-те земји членки, односно по влезот во Унијата.
Ковачевски ова го протолкувал како кршење на преговарачката рамка. Селими вели дека за да се исполни ова барање, Мицкоски не треба да го убеди Ковачевски, туку 27 земји членки на Унијата кои уставните измени го посочуваат како јасен услов за отворање на првиот кластер на преговори.
-Измени на преговарачката рамка нема да се случат, тоа го кажаа и челниците на ЕУ и највлијателните претседатели, Шолц и Макрон, вели Селими.
Контрааргумент на барањата на Мицкоски, Европа да го гарантира македонскиот јазик и идентитет, според Селими е изјавата на Ковачевски дека голема земја – членка на ЕУ ќе донесе резолуција за недвосмислена потврда на македонскиот јазик и идентитет
По лидерската средба двете партии си тераат свој вокабулар. Мицкоски објави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да поддржат уставни измени под овие околности, додека СДСМ и дел од коалициските партнери порачуваат дека добро е што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени.
На средбата, Ковачевски предложил во парламентот со двотретинско мнозинство да се усвои потребата за промена на Уставот, потоа да се формира влада во која СДСМ ќе отстапи пет од своите десет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ, па потоа да се оди на избори.
Мицкоски прифатил да биде дел од владата, но под неколку услови, ДУИ да не биде дел од таа влада, гаранции од ЕУ за уставните измени, кои смета дека треба да стапат на сила по влезот во Унијата.
Фросина Факова-Серафиновиќ