Англискиот фудбалски селектор Герет Саутгејт на големо изненадување се појавил како специјален гости во „Лаунсвуд“ училиштето во Лидс, каде одржал мало предавање пред присутните ученици, но и новинари. Саутгејт издвоил неколку реченици за следниот предизвик на „Гордиот Албион“ на домашен терен во јуни годинава.
Англија ќе ја пречека Македонија на познатиот „Олд Трафорд“ и во тој меч, разбирливо, ќе влезе како апсолутен фаворит. Сепак, Саутгејт предупредува дека нема простор за опуштање.
„Верувале или не, Англија никогаш ја нема победено Македонија на домашен терен. Исто така, Македонија ја исфрли Италија во баражот за Светското првенство и нема простор за опуштање. Мора да пристапиме со вистински менталитет и да играме на највисоко ниво против нив. Истото важи и за Малта“ – посочи англискиот селектор.
Потсети дека Македонија има двете реми средби на гостувањата кај Англија, (2:2 и 0:0).
Квалификацискиот натпревар меѓу Англија и Македонија се игра на 19-ти јуни во Манчестер.