Собранието како законодавец има право да дава амнестија за сторени кривични дела. Така е постапено и со настаните поврзани со 27-ми април, сметаат мнозинството уставни судии. Тие на денешната седница одлучија да не поведат постапка по иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес и ја отфрлија иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која ја оспори постапката на амнестирање.
-Собранието има право да врши амнестија, но не може тоа право да му го пренесе на Судот. Тоа го повредува принципот за поделба на законодавната од судската власт. Дополнително, за исто дело, еден сторител добил амнестија, а друг не, што претставува нееднаквост, рече Јован Јосифовски, уставен судија.
Судијата известител Насер Ајдари вели дека простувањето кривично дело не е основно човеково право па да говориме за негово нарушување. Собранието точно определило за кои кривични дела може да се амнестира, за кои не, образложуваат повеќето од судиите.
-Собранието даде амнестија по шести пат. Законот прави класификација на кривичните дела и за трите најтешки – не дава амнестија. Нема амнестија за загрозување на интегритетот и суверенитетот на државата, истакна Осман Кадриу, уставен судија.