Неколку лекари од Тетово се соочуваат со притисок да потпишат петиција, во одбрана на еден од директорите на болницата, по пожарот во ковид-центарот. Ова го тврди лидерот на Алијанса за албанците Зијадин Села.
Тој го зема случајот со тетовецот Ибин Емшиу, кој сведочеше за дел од медиумите дека е цел на закани, за да не излезе на виделина вистината за пожарот, во кој тој ги изгубил таткото и братот.
„Како да не беа доволни 14 живи запалени жртви. Владата, наместо да обезбеди праведни истраги и случајот да не се повтори, се обидува да се амнестира преку закани и уцени. Изминативе денови и понатаму се врши притисок врз семејствата на жртвите и лекарите во болницата во Тетово. Младиот Ибин Емшиу, кој ги изгуби таткото и братот во пожарот, пријавил дека му се закануваат да не прозбори и да ја каже вистината околу условите и пожарот во модуларната болница во Тетово. Од друга страна, неколку лекари пријавиле дека се врши притисок над нив да потпишат петиција, во одбрана на еден од директорите на болницата во Тетово, во ист стил како и обидот на директорите на клиниките во Скопје за спасување на Филипче“, напиша Села на социјалните мрежи.