Села размислува за повлекување, Таравари нов лидер на АА?

Ако Села одлучи да замине од лидерската позиција во Алијанса за Албанците, како што, според информации на Фокус, најавил пред дел од сопартијците, претставници од меѓународната заедница и колеги-политичари од сестринските партии, тогаш нов партиски лидер ќе биде Таравари.

by Фокус

Лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник, Зијадин Села, сериозно размислува да се повлече од лидерската позиција во албанската опозициска партија, дознава Фокус.

Доколку тоа се случи, според неофицијални информации, сигурно е дека нов партиски челник ќе биде градоначалникот на Гостивар и се уште актуелен партиски генерален секретар Арбен Таравари.

Дека размислува за повлекување, како што брифираат добро упатени извори, Села најавил пред дел од сопартијците, пред претставници на меѓународната заедница, како и пред колеги-политичари од сестринските партии во регионот.

Имено, една таква средба тој имаше вчера со Томор Ализоти од Демократската партија од Албанија, на која, според нашите извори, исто така повторил дека размислува за повлекување.

Доколку Села дефинитивно одлучи да не се кандидира за нов мандат на претстојниот партиски конгрес закажан за март, како што засега стојат работите, нашите сознанија говорат дека сигурно негов наследник на лидерската позиција ќе биде градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, а позицијата партиски генсек ќе ја добие човек од струшкиот огранок.

Во изминативе години, Таравари беше генерален секретар на партијата, но неодамна најави дека ќе се повлече од оваа позиција поради градоначалничките обврски, како и за да ослободи место за помлад кадар.

ИНИЦИЈАТИВА ЗА РЕФОРМИ ВО ДПА

Инаку, Села своевремено го предводеше струшкиот огранок на ДПА и беше избран за пратеник од редовите на оваа партија на парламентарните избори во 2011 година, кога Мендух Тачи всушност водеше битка за превласт во рамки на опозицијата со тогашните НДП на Руфи Османи и Нова Демократија на Имер Селмани.

По две активни години во пратеничките клупи, на локалните избори во 2013 година Села стана кандидат на ДПА за градоначалник на Струга, иако доготаш најавуваше дека нема градоначалнички амбиции.

На тие избори, тој успеа да го победи кандидатот на ДУИ Арбен Лабуништа, додека во вториот изборен круг го порази и Владимир Кочоски, зад кој тогаш застанаа двете македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Нецела година подоцна, Села влезе во конфликт со партискиот лидер Тачи, кој, според Села, за парламентарните избори во 2014 година се обидувал да состави пратеничка листа во петтата изборна единица, каде влегува и Струга, без да ја испочитува волјата на струшкиот огранок.

Како што тогаш велеше Села, Тачи се плашел од неговиот авторитет и влијание, па, сакајќи да го делегитимира, прво го пуштил во трка за градоначалник за да изгуби од ДУИ, а потоа свесно составувал лоша пратеничка листа, со цел нему да му се припишат лошите изборни резултати.

После тоа, Села започна внатрепартиска иницијатива за промени во ДПА под називот Движење за реформи во ДПА, кое во 2015 година одржа паралелен партиски конгрес. Сепак, на крајот печатот остана во рацете на Тачи.

РЕБРЕНДИРАЊЕ ВО АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ

Во таква ситуацијата, ДР-ДПА во 2016 година се регистрираше како посебна политичка партија, која во пресрет на парламентарните избори во оваа кризна година влезе во предизборна коалиција со Унитети на Гзим Острени и НДП на Весел Мемеди, под називот Алијанса за Албанците.

Оваа коалиција на изборите освои 3 пратеници, кои беа клучни за формирање на новото парламентарно мнозинство со СДСМ и ДУИ и потоа на новата Влада, во која Алијанса за Албанците ги доби министерствата за здравство и за локална самоуправа.

Меѓутоа, коалицијата се распадна после локалните избори во 2017 година, на кои Села повторно се кандидираше за градоначалник на Струга, меѓутоа тогашниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев одлучи отворено да го поддржи кандидатот на ДУИ Рамиз Мерко.

Иако Села водеше во првиот изборен круг, токму со поддршката на СДСМ во вториот круг победи Мерко. Покрај тоа што го оставија без Струга, СДСМ и ДУИ сакаа да му го земат на Села и Министерството за здравство, кое дотогаш го раководеше Таравари, а за возврат му понудија вицепремиерско место за реформи.

Сето тоа беше преголема навреда за Села, кој, за потсетување, беше крвнички нападнат на „крвавиот четврток“ во Собранието, кога 61 пратеник го изгласаа Талат Џафери за нов спикер, што беше главниот чекор кон политичките промени во земјава.

Така, Села ја напушти Владата, но тоа не го стори Мемеди, чиј кадар остана да раководи со Министерството за локална самоуправа. Па, Села замина во опозиција и ја ребрендираше неговата партија ДР-ДПА, преземајќи го коалицискиот назив Алијанса за Албанците.

ФРОНТМЕН НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА

По расколот и поделбата на Беса, од која произлезе нова партија – Алтернатива, Алијанса за Албанците се профилираше како најсилна албанска опозициска партија, а времето покажа дека е единствена автентична албанска опозиција, со оглед дека Беса и Алтернатива ротираа во владите на СДСМ и ДУИ.

На претседателските избори во 2019 година, АА и Беса настапија со Блерим Река како заеднички кандидат. Но, на следните парламентарни избори, Алијанса не успеа да договори соработка со Беса, туку тоа го направи со Алтернатива, која, за разлика од Беса, не го бараше носителот на советничката листа во шестата изборна единица.

Арно ама, на последните локални избори, трката за градоначалник на Тетово ја обнови соработката меѓу Алијанса и Беса, кои, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, придонесоа во победата на Биљал Касами против Теута Арифи. Веднаш потоа, Беса ја напушти власта и предизвика иницијативата за недоверба на владата.

На крајот, оваа иницијатива не успеа, по што Алтернатива го зазеде местото на Беса во власта. Ваквиот развој на настаните, повторно ги приближи патиштата на Алијанса и Беса, кои сега се во опозиција, меѓутоа двете страни се уште се далеку од формална коалиција.

Сепак, се очекува двете партии да работат на создавање на предизборна коалиција за следните парламентарни избори. Впрочем, тоа го најави и новата аквизиција на Беса, Фатмир Лимани, кој порача дека ќе работи за обединување на двете партии, кои, според него, ќе бидат партнер во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Она што останува отворено, е дали фронмент на Алијанса за Албанците, а со тоа и на албанската опоиција, ќе биде Села, кој веќе претрпе неколку изборни порази и на централно и на локално ниво, или пак Таравари, кој двапати победи во Гостивар, а воедно се смета дека има поголем обединувачки капацитет? Двајцата останаа недостапни за коментар.

Влатко Стојановски

Поврзани новости