Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, денеска изјави дека настаните на 27 април, кога беше нападнат и повреден во парламентот, нема да му сметаат да соработува со ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече тој, тие настани не се никако поврзани со политички субјект, туку со поединци, кои, истакна тој, во меѓувреме станале бизнис-партнери на Зоран Заев.
–Настаните од 27 април на крајот на краиштата не се ориентирани само директно кон мене и за 27 април нема да дозволам ако имам лична причина да ја држам во заложништво перспективата и иднината на вашите деца. Во име на случувањата на 27 април јас немам намера да ги амнестирам погрешните политики на Зоран Заев, а од друга страна не е дека политички субјекти ги направиле овие потези. Дали било 27 април или други случки кои се случиле. Тие што ги направиле тие постапки се поединци и тие поединци имаат и име и презиме. Колку што јас имам информации, но и јавноста, тие за жал се претвориле во бизнис-партнери на премиерот на државата, Зоран Заев. И ако некој треба да биде обвинет за 27 април, јавноста знае кои се тие луѓе кои ги организираа тие настани. Од друга страна, политичките субјекти нема зошто да бидат одговорни, туку одредени поединци кои ги преземале овие активности. И јас оваа работа сум ја препуштил на правната држава. Но, за жал оваа правна држава предводена од Зоран Заев го остави на слобода Сашо Мијалков, а го затвори Фета Алими – рече Села.
И неговиот коалициски партнер, лидерот на Алтернатива Африм Гаши, не исклучи соработка со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.