Или ги прифаќаш уставните измени или треба да кажеш дека не си за членство во Европската унија, тоа се двата правца, вели лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во интервју за МИА.
Села останува на ставот дека треба прво да се донесат уставните измени, а потоа да се формира Владата. Дебатата околу уставните измени, како што посочува, е завршена и треба само да се гласа.
-Откога ќе се направи новото мнозинство, треба да седнеме и да ги изгласаме уставните измени. Од формално-правен аспект немаме никаков проблем бидејки фактот дека ќе се случат избори не значи дека ќе имаме нова држава. Истата држава е и продолжуваат седниците од минатиот состав на Собранието и ние можеме да ги гласаме уставните измени. Тоа би бил условот за креирање на новата Влада – вели Села.
Евроинтеграцијата останува приоритет за Алијанса за Албанците, а според Села, руската агресија во Украина донела олеснителни околности околу зачленувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија и како држава треба да го искористиме тој момент.
-Тоа е услов. Треба да им биде јасно на сите граѓани, треба да им го кажат на сите политички актери кои одат пред нив и велат дека ако ги добиеме гласовите и мнозинството ќе го промениме договорот и.т.н. Тоа е услов – или го прифаќаш или треба да кажеш дека не си за членство во ЕУ. Тие се двата патишта. Сите политички актери кои излегуваат пред граѓаните со програма за зачленување во Европската унија треба да бидат подготвени првиот ден кога ќе се состави новиот Парламент да гласаат за уставните измени и да продолжиме – нагласува Села.
За повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за национално единство, Села вели дека Мицкоски треба да појасни на какво единство мисли, а доколку станува збор за повик за национално обединување на Македонците, тогаш прави грешка затоа што тоа ќе доведе до национална поделба.
– Знаете што, претседател на партија има право да повикува на обединување околу програма и платформа. Што подразбира под национално е друга тема, ја повикува само една националност или ги повикува сите етнички заедници како што сега стои во Уставот. Значи треба да појасни. Ако се повикува на национално обединување само на Македонците, мислам дека греши бидејќи тоа национално обединување ќе доведе до национално делење што не е здраво за никоја етничка заедница, а ниту за државата ниту за регионот – истакна тој.
За раздорот во Алијанса за Албанците вели дека Таравари избегал од партијата и дека постапил по наредба на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Од каде знаеше Мицкоски три недели претходно дека ќе се случи тоа, прашува Села.
– Кога отваравме тема за коалицирање со г. Таравари, се залагавме сами да одиме на избори и одеднаш по се изгледа доби наредба од некаде, а тој по се изгледа е г. Мицкоски кој три недели пред тоа изјави дека ако Алијанса за Албанците не се приклучи кон т.н. албанска опозиција, АА ќе биде поделена на две крила. Од каде знаеше г. Мицкоски за тоа три недели пред да се случи тоа? Значи по се изгледа следејќи ги чекорите и настаните што се случија, г. Таравари е под директна наредба на г. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Зошто, треба тој да објасни. Значи тој избега од партијата – вели Села.