Села и Гаши одат заедно на локалните избори, виси соработката со Мицкоски

by fokus

Албанските опозициски партии – Алијанса за Албанците и Алтернатива, сигурно заеднички ќе настапат на претстојните локални избори, меѓутоа неизвесно е дали ќе соработуваат со македонската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Иако двете страни неодамна најавија можност за поддршка на заеднички кандидати за градоначалници во етнички мешаните средини, сепак, во меѓувреме нивните односи се усложнија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за последниот број на неделникот „Фокус“, изјави дека во најмалку 10 од 13 општини во кои ќе победат кандидати за градоначалници од албанската заедница, доколку ја сакаат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери, ќе мора, како што рече, да го почитуваат достоинството на Македонците и на помалите етнички заедници.

Еве, ексклузивно ќе откријам дека најмалку што можеме да побараме од нашиот иден коалициски партнер, кој пледира да ја добие поддршката за градоначалник во овие (мешани) средини, е да ги почитува Македонците и другите помали заедници. А, да го видиме тоа на дело, најмалку што можеме да се договориме е претседавачот на Советот да биде од втората по големина заедница, а тоа е, на пример, во Тетово или во Гостивар, да биде Македонецрече Мицкоски.

Притоа, тој посочи дека досега не разговарал со албанските опозициски партии за изборна соработка, но воедно ги повика сите македонски партии, како и партиите на „помалите“ етнички заедници, да се придружат на инцијативата на ДПМНЕ, затоа што, според него, само на тој начин нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во својата држава.

И генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој е градоначалник на Гостивар, вели дека засега нема преговори со ниедна партија за поддршка на локалните избори. Тој истакнува дека единствено сигурно е дека АА и Алтернатива ќе настапат заедно, додавајќи дека „сите идни преговори за коалицирање ќе се засноваат на заедничка локална програма за развој и инвестирање во општините“.

Исто така, битно ни е во општините кадешто ќе победиме и ќе управуваме идните 4 години да бидат транспарентни, отворени кон граѓаните, и со инвестиции во инфраструктура, образование, градинки, кулутра итн., што е важно за граѓаните. Кој е заинтересиран за ваков тип на соработка, отворени сме и тука сме – вели Таравари за Фокус, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски.

Исто така, коментар за пораките на Мицкоски побаравме и од првиот човек на Алтернатива Африм Гаши, кој истакна дека не би сакал да ја коментира изјавата на лидерот на ДПМНЕ, со образложение дека се уште е рано.

Инаку, темата за заеднички настап на македонската и албанската опозиција на локалните избори почна особено да се актуелизира после заедничката средба на Мицкоски, Гаши и Зијадин Села во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“, кога предводниците на трите конзервативни политички партии, освен што се согласија дека потребно е формирање на експертска влада, истовремено изразија отвореност за меѓусебна соработка.

Во периодот што следуваше, од овие партии стигнуваа пораки дека албанската и македонската опозиција ќе настапат со посебни заеднички листи, но најверојатно ќе поддржат заеднички кандидати за градоначалници во мешани средини уште во првиот круг. Сепак, овие односи се заладија после протестите за поддршка на осудените за упадот во парламентот, кои Мицкоски ги поддржа, што наиде на реакција од Села, кој беше нападнат и повреден на 27 април 2017 година.

Влатко Стојановски

Поврзани новости