Не сме против идејата Албанец да биде премиер како што не сме против да биде и од друга етничка заедница, најважно е тој премиер да биде квалитетен и без етнички предзнак, вели лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во интервју за Радио Слободна Европа.
-Премиер треба да биде премиер, кој ќе биде премиер без етничка ознака и нема да ги гледа со различни очи и Албанците и Македонците и Турците итн. А во оваа ситуација ваквите идеи се идеи кои доаѓаат како резултат на стравот дека одат во опозиција. Ако албанските политички партии имаат некој предлог кој се однесува и до другите албански политички партии, ние имаме изградено еден механизам, еден политички инструмент кој се вика „масата на албанските политички партии кои се претставени во парламентот“. Ако господинот Ахмети имаше некој предлог требаше тука да го каже и да го образложи – рече Ахмети.
Тој е убеден во победа на неговата коалиција на следните избори, притоа не исклучувајќи ја можноста за постизборна коалиција со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, ако, како што вели, ја прифатат програмата на Коалицијата на Алијансата и Алтернатива.
-Некој тврди – Едно општество за сите, тоа е лага. Бидејќи од една страна едно општество за сите, а од друга страна ни градат граници кај смееме, кај не смееме да имаме школи на албански јазик. Зошто нема школа на албански јазик во Идризово? Зошто илјади Албанци во Чашка и другите делови – Велес, Прилеп итн., од шестгодишна возраст се принудени да учат на македонски јазик, бидејќи некој не им дозволува да отворат паралелки на албански јазик. Зошто тука во Сарај и ден-денеска не е изграден мостот за да им се скрати патот, секој ден по 15 километри, на тие Албанци кои живеат таму – праша Села.