Села бара избори во јули или август и амнестија на сите казнети за непочитување на мерките

by Фокус

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села смета дека изборите треба да се одржат кога ќе се отворат границите, кои се затворени поради пандемијата од корона вирусот. Тој во интервју на „360 степени“ предлага датумот на изборите да биде кон крајот на јули и почетокот на август.

-Се вели дека вирусот не исчезнува, но ја губи вируленцијата на повисоки температури. Овие повисоки температури се крајот на јули и почетокот на август. Сметаме дека изборите треба да се одржат во овој период. Друг предуслов за изборите треба да бидат меѓународните набљудувачи затоа што Македонија има незрела демократија. Се додека границите се затворени, не можеме да знаеме кога тие можат да бидат присутни во земјата – рече Села.

Тој смета дека граѓани кои биле казнети за непочитување на мерките поврзани со коронавирусот треба да се амнестираат.

-Во оваа кризна ситуација граѓаните тешко ги пребродуваат овие казни, добро е што повеќе да се држат до правилата, но мислам дека Владата треба да предлага амнестија за сите казни кои се напишани досега затоа што има голем број граѓани кои се казнети. Истовремено ги повикувам да ги почитуваат владините мерки, тие се за доброто и здравјето на граѓаните. Но ќе треба Владата да ги амнестира сите они кои се казнети чии број е со илјадници – рече Села.

Во однос на вчерашната литијата во Струга во организација на МПЦ-ОА и на најавата на ИВЗ за отворање на џамиите од 12 мај, Села вели дека полицијата постапила скандалозно.

-Во оваа вонредна ситуација која е прогласена поради пандемијата, поради опасноста кон животот на граѓаните, секој ваков собир и ваков обид за да се одржат вакви собири каде не се почитуваат препораките и ограничувањата кои се поставени од страна на Владата, Министерството за здравство, СЗО, е опасно затоа што го ризикуваат животот на граѓаните, на оние кои се присутни но и на оние кои не се присутни на тие собири каде има голем број луѓе – рече Села.

Поврзани новости