Со исклучувањето на албанската опозиција од консултациите за името може да се создаде уште една причина за несогласување кај Албанците, вели Зијадин Села за ТВ 21, коментирајќи ја одлуката на Владата – Движењето Беса и Алијансата за Албанците да не бидат повикани на координативната средба што се одржа во саботата.
Дополнителна компликација, според Села, е немањето координација меѓу партиите на Албанците, на власт и во опозиција. Но, тој е најзагрижен поради тоа што Ахмети од ДУИ го поткопува заедништвото на партиите на Албанците.
„Освен тенденциите и желбите за политички поени, има и друга димензија која за мене е загрижувачка и која господинот Ахмети неколку пати ја има повторено. Неговата тенденција е да ја поткопа заедничката маса на албанските парламентарни политички партии. Треба да знае и тој и министерот за надворешни работи и Премиерот дека сите се согласуваме дека г.Ахмети е дел од Владата, но тој не го застапува мнозинството Албанци“, вели Села.