Сексуалните работници останаа повторно на маргините, за време на кризата со Ковид-19, останавме исклучени од сите мерки за помош, ги редуциравме нашите услуги за да редуцираме ширење на вирусот, а за возврат добивме социјална шлаканица, соопштија денеска од колективот СТАР – прв колектив на сексуални работници на Балканот.
Од колективот алармираат дека, поради ковид кризата, повеќе од половина од сексуалните работници имаат проблем со плаќањето кирија, додека повеќе од третина се соочуваат со тешкотии во пристапот до здравствени услуги. Сметаат дека државата може да им понуди помош и поддршка во период кога и тие еднакво се засегнати од ковид-пандемијата, како и сите останати работници и родители.
– Бараме Владата да формулира пакет социоекономски мерки со цел таргетирана поддршка во нашата заедница, да ни се овозможи континуиран пристап до квалитетни здравствени услуги, да бидеме вклучени во процесите на креирање политика за време на пандемијата, подеднакво уживање на работничките права, полесен пристап до социјална помош, како и надминување на дискриминацијата и неправдата која е присутна во нашата заедница од повеќе аспекти, информираат од СТАР.
Проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници во време на пандемија, беа истакнати на денешното излагање со кое под мотото „НИЕ“, сексуалните работници, здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот и нивните поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, и оваа година, по 13-ти пат, се приклучија кон глобалното одбележување на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Оваа година, сексуалните работници се откажаа од марширањето со црвени чадори со цел спречување на ширење на ковид вирусот.