Секоја диктатура има слабости!

by Фокус

Третиот дел од фељтонот „Од диктатура до демократија“ е објавен на 15 февруари 2013. На овој линк можете да го прочитате вториот дел.

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

Книгата „Од диктатура до демократија“ на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн институцијата“, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата на Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија ќе бидат интересно четиво!

По анализата на политичката моќ на диктатурите, продолжуваме со Главата 4, во која се образложени својствените слабости на секоја диктатура, односно „Ахиловата пета“, која неминовно ги прави ранливи. Ако демократската опозиција ги осознае овие слабости и постојано ги напаѓа, тоа може да донесе победа и слобода. Според професорот Шарп, најефикасен начин на борба на целото население против диктаторите е политичкиот пркос, што е најмалку ризичен и со кој на режимот му е тешко да се бори, како што објаснува во Главата 5. Суштината е ненасилната борба, или ненасилен протест, убедување, несоработка и интервенција. Списокот на 198-те „Методи на ненасилна акција“, од кои првите 119 се даден во трите посебни рамки на овој текст.

ЦЕНТРИ НА ПОЛИТИЧКАТА МОЌ

Една од карактеристиките на демократското општество е постоењето многубројни, независни од државата, невладини групи и институции. Во нив спаѓаат, на пример, семејствата, верските организации, културните здруженија, спортските клубови, економските институции, синдикатите, студентските здруженија, политичките партии, селата, соседски здруженија, организациите за човекови права, музички групи, литературни друштва и други. Овие тела се важни затоа што служат на сопствените цели и истовремено помагаат за задоволување на општествените потреби.

Покрај тоа, овие тела имаат големо политичко значење. Тие се групна и институционална основа со која луѓето може да влијаат врз управувањето со општеството и да им се спротивстават на други групи или на владата кога овие неправедно ги нарушуваат нивните интереси, активности или цели. Изолираните поединци кои не се членови на овие групи, најчесто не се способни позначајно да влијаат на остатокот од општеството, уште помалку на владата, а сигурно не на диктатурата.

Значи, ако диктаторите можат да ја укинат автономијата и слободата на ваквите тела, населението станува релативно беспомошно. Исто така, ако овие институции бидат диктаторски контролирани од централниот режим или бидат заменети со нови контролирани, тие може да бидат користени за доминација и врз индивидуалните членови и врз тие области на општеството.

Меѓутоа, ако автономијата и слободата на овие независни граѓански институции (надвор од државната контрола) може да се одржи или поврати, тие се мошне значајни за примена на политичкиот пркос. Заеднички белег на наведените примери кога диктатурите се распаднале или биле ослабени е храбрата масовна примена од населението и неговите институции на политичкиот пркос.

Како што е наведено, овие центри на моќ се институционални основи од кои населението може да врши притисок или да се спротивстави на диктаторската контрола. Во иднина, тие ќе бидат дел од неопходната структурна основа за слободно општество. Поради тоа, нивната постојаната независност и растеж често е предуслов за успех во ослободителната борба.

Ако диктатурата, во голема мера, успеала да ги уништи или да ги контролира независните општествени тела, ќе биде важно припадниците на отпорот да создадат нови независни општествени групи и институции, или да ја преземат демократската контрола врз оние кои опстанале или се делумно контролирани.

Се разбира, ова не значи дека е лесно да се ослаби или уништи диктатурата, ниту дека секој обид ќе успее. Секако, не значи дека борбата ќе биде без жртви затоа што оние кои уште им служат на диктаторите веројатно ќе возвратат во обид да го принудат населението да продолжи со соработка и со послушност.

Досега изложеното сфаќање на моќта, меѓутоа, значи дека свесно рушење на диктатурите е можно. Особено диктатурите имаат специфични карактеристики кои ги прават мошне ранливи на вешто применетиот политички пркос. Да ги разгледаме тие карактеристики подетално.

ДИКТАТУРИТЕ ИМААТ СЛАБОСТИ

Диктатурите често изгледаат неранливи. Разузнавачките агенции, полицијата, воените сили, затворите, концентрациониот логор и одредите на смртта се под контрола на неколкумина моќни. Диктаторите најчесто самоволно ги ограбуваат државните финансии, природните ресурси и производните капацитети користејќи ги за остварување на своите желби.

За споредба, силите на демократската опозиција често изгледаат крајно слаби, неефикасни и немоќни. Таквиот впечаток за неранливоста наспроти немоќта, прави ефикасна опозиција да е малку веројатна.

Меѓутоа, тоа не е целата приказна.

ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА АХИЛОВАТА ПЕТА

Еден антички грчки мит е убав пример за ранливоста на наводно неранливиот. Воинот Ахил не можело ниту еден удар да го повреди и ниту еден меч да ја прободе неговата кожа. Кога бил бебе, Ахиловата мајка наводно го потопила во водите на магичната река Стикс и со тоа го заштитила неговото тело од сите опасности. Но, имало еден проблем. Бидејќи мајка му го држела за петата, за водата да не го однесе, тој мал дел од неговото тело магичната вода не го покрила. Кога Ахил станал возрасен маж, на сите им изгледало дека е неранлив од оружјата на непријателот. Меѓутоа, во битката против Тројанците, еден непријателски војник, поучен од некој кој ја знаел неговата слабост, ја вперил стрелата во незаштитена пета на Ахил, единственото место каде можел да биде ранет. Погодокот бил смртоносен. И денес, изразот „Ахилова пета“ се однесува на ранливиот дел на лице, план или институција, кој ако е нападнат нема заштита.

Истиот принцип важи и за безмилосните диктатури. Тие, исто така, може да се победат, но најбрзо и со најмала цена ако нивните слабости се идентификуваат и нападот се концентрира на нив.

СЛАБОСТИ НА ДИКТАТУРИТЕ

Некои од слабостите на диктатурите се следнивe:

1. Соработката на мнозинството луѓе, групи и институции потребни системот да функционира може да биде ограничена или откажана.

2. Барањата и ефектите на претходните политики на режимот донекаде ја ограничуваат неговата сегашна способност да усвојува и спроведува противречни политики.

3. Системот може да стане рутински во неговото дејствување, помалку способен брзо да се приспособува на новите состојби.

4. Кадрите и ресурсите веќе распоредени на постојните задачи, нема да се лесно употребливи за новите потреби.

5. Подредените службеници, од страв да не ги разлутат своите претпоставени, може да не им даваат точни или целосни информации, потребни на диктаторите за донесување на одлуки.

6. Идеологијата може да еродира, а митовите и симболите на системот да станат нестабилни.

7. Ако идеологијата е силна и влијае врз погледот на реалноста на секој поединец, цврстата верност во неа може да го одвлече вниманието од реалните услови и потреби.

8. Влошената ефикасност и компетентност на бирократијата, или прекумерната контрола и регулација, ги прави политиките и дејствувањето на системот неефикасни.

9. Внатрешните институционални конфликти и личните ривалства и непријателства може да му наштетат, дури и да го прекинат, функционирањето на диктатурата.

10. Интелектуалците и студентите може да станат немирни, реагирајќи на условите, ограничувањата, доктринарноста и репресијата.

11. Широката јавност, со текот на времето, може да стане апатична, скептична и дури непријателски расположена кон режимот.

12. Регионалните, класните, културните или националните разлики може да се заострат.

13. Хиерархијата на власта во диктатурата секогаш донекаде е нестабилна, а понекогаш и крајно нестабилна. Поединците не секогаш остануваат на исти позиции во рангирањето, одат на повисоки или пониски, или се отстранети и заменети со нови лица.

14. Делови на полициските или на воените сили може да дејствуваат на остварување на свои цели, дури и против волјата на етаблираните диктатори, вклучително и со државен удар.

15. Ако диктатурата е нова, потребно е време добро да се зацврсти.

16. Бидејќи во диктатурата толку многу одлуки донесуваат малкумина, можни се грешки во проценките, политиката и делувањето.

17. Ако режимот се обиде да ги избегне овие опасности и ги децентрализира контролата и одлучувањето, неговата контрола врз централните полуги на власта може дополнително да еродира.

v

НАПАЃАЊЕ НА СЛАБОСТИТЕ

Кога ѝ се познати овие својствени слабости, демократската опозиција може да се обиде намерно да ги влоши тие „Ахилови пети“, со цел системот драстично да го промени или да го сруши.

Заклучокот, значи, е јасен: иако изгледаат силни, сите диктатури имаат слабости, внатрешна неефикасност, лични ривалства, институционална неефикасност и конфликти меѓу организациите и ресорите. Овие слабости, со тек на време, ќе го прават режимот уште понеефикасен и поранлив на променетите состојби и на смислениот отпор. Не сѐ што режимот си ставил во задача дека ќе исполни ќе биде остварено. На времето, на пример, дури и директните наредби на Хитлер никогаш не биле извршени затоа што неговите потчинети одбиле тоа да го направат. Понекогаш, диктаторскиот режим дури и може брзо да се распадне, како што веќе напомнавме.

Тоа не значи дека диктатурите може да бидат срушени без ризик и жртви. Секоја можна акција за ослободување содржи ризици и можни страдања, а ќе биде потребно и време да дејствува. И, се разбира, ниту едно средство на акција не може да обезбеди брз успех во секоја ситуација. Меѓутоа, оние видови на борба кои се насочени кон идентификуваните слабости на диктатурата имаат поголема шанса за успех од оние кои се борат против диктатурата таму каде што таа очигледно е најсилна. Прашањето е како да се води оваа борба.

КОРИСТЕЊЕ НА МОЌТА

Во првата глава напомнавме дека воениот отпор против диктатурите не ги погодува таму каде што тие се најслаби, туку таму каде што се најсилни. Одбирајќи со диктатурите да се одмерат на полето на воената сила, снабденост со муниција, оружена технологија и слично, движењата на отпорот обично се ставаат во особено неповолна положба. Диктатурите скоро секогаш ќе можат да мобилизираат надмоќни средства на овие полиња. Опасностите од потпирање врз странските сили кои би донеле спас, исто така ги објаснивме. Во втората глава ги разгледавме проблемите на потпирање на преговорите како начин за отстранување на диктатурите.

Кои се, тогаш, средствата кои на демократскиот отпор ќе му дадат значителна предност и ќе придонесат за влошување на идентификуваните слабости на диктатурите? Кој метод на делување ќе донесе најголема полза од теоријата за политичката моќ, која ја разгледавме во третата глава? Алтернативата на изборот е политичкиот пркос.

Политичкиот пркос ги има следниве карактеристики:

• Не прифаќа исходот да биде решен со средства за борба кои ги избрала диктатурата.

• На режимот му е тешко со него да се бори.

• Може особено да ги влоши слабостите на диктатурата и да ги прекине нејзините извори на моќ.

• Со делувањето тој може да е широко распространет, но и да биде концентриран на одредена цел.

• Ги наведува диктаторите да грешат во проценките и во делувањето.

• Може ефикасно да го користи населението во целина и општествените групи и институции во борбата да заврши бруталната доминација на малкумина.

• Помага да се шири дистрибуцијата на ефективната моќ во општеството, со што ги прави поголеми можностите за воспоставување и одржување на демократско општество.

ДЕЈСТВУВАЊЕ НА НЕНАСИЛНАТА БОРБА

Како и воените капацитети, и политичкиот пркос може да се користи за различни цели, од напори да се влијае на противниците да преземат поинакви акции, да создадат услови за мирно решавање на конфликтот, па до распаѓање на противничкиот режим. Меѓутоа, политичкиот пркос делува на потполно различни начини од насилството. Иако двете техники се средства за водење борба, тие тоа го прават на сосема различни начини и со различни последици. Начините и резултатите од насилниот конфликт се добро познати. Физичкото оружје се користи за застрашување, ранување, убивање и уништување.

Ненасилната борба е многу посложена и со поразновидни средства за борба од насилната. Борбата се води со психолошки, општествени, економски и политички оружја кои ги применува населението и институциите на општеството. Тие се познати под различни имиња како протести, штрајкови, несоработка, бојкоти, нелојалност и моќ на народот. Како што претходно е наведено, сите влади може да владеат само толку долго сѐ додека неопходните извори на нивната моќ се полнат со соработка, покорност и послушност на населението и на општествените институции. Политичкиот пркос, за разлика од насилството, е особено соодветен за прекин на тие извори на моќ.

НЕНАСИЛНИ ОРУЖЈА И ДИСЦИПЛИНА

Заедничка грешка на досегашните импровизирани кампањи на политички пркос е нивното потпирање само на еден или два метода, како што се штрајковите и масовните демонстрации. Всушност, постојат многубројни методи кои на стратезите на отпорот им овозможуваат да го концентрираат и да го шират отпорот колку што е потребно.

Идентификувани се околу двеста специфични методи на ненасилна акција, а сигурно ги има многу повеќе. Овие методи се класифицирани во три пошироки категории: протест и убедување, несоработка и интервенција. Методите на ненасилен протест и убедување во голема мера се симболични демонстрации, вклучувајќи паради, маршеви и бдеења (54 методи). Несоработката е поделена на три поткатегории: (а) општествена несоработка (16 методи), (б) економска несоработка, вклучувајќи бојкоти (26 методи) и штрајкови (23 методи), и (в) политичка несоработка (38 методи). Ненасилната интервенција со психолошки, физички, општествени економски или политички средства, како што е брзата ненасилна окупација и паралелна влада (41 метод), е последната група.

Користењето на значителен број од овие методи – грижливо одбрани, постојано и во голем обем применувани од обучени граѓани, во контекст на мудра стратегија и соодветна тактика – веројатно на секој нелегитимен режим ќе му предизвика тешки проблеми. Ова важи за сите диктатури.

МЕТОДИ НА НЕНАСИЛЕН ПРОТЕСТ И УБЕДУВАЊЕ

Официјални изјави: 1. Јавни говори 2. Писма на противење или поддршка 3. Изјави на организации и институции 4. Потпишани јавни соопштенија 5. Декларации на обвинение и за намери 6. Групни или масовни петиции Комуникација со пошироката публика: 7. Слогани, карикатури и симболи 8. Транспаренти, постери и екрани 9. Летоци, брошури и книги 10. Весници и списанија 11. Снимки, радио и телевизија 12. Натписи на небо и на земја Групно претставување: 13. Делегации 14. Божемни награди (исмејување на награди) 15. Групно лобирање 16. Протести 17. Божемни избори (исмејување на избори)

Симболични јавни настапи: 18. Истакнување на знамиња и симболични бои 19. Носење на симболите 20. Молитва и обожување 21. Доставување на симболични предмети 22. Протестно соблекување 23. Уништување на сопствениот имот 24. Симболично осветлување 25. Истакнување на портрети 26. Бојата како протест (графити) 27. Нови знаци и имиња 28. Симболични звуци 29. Симболични приговори 30. Непристојни гестови Притисоци врз поединци: 31. „Прогонување“ на функционерите 32. Исмејување на функционерите 33. Збратимување 34. Бдеења

Драма и музика: 35. Хумористични скечеви и шеги 36. Драмски и музички изведби 37. Пеење

Поворки: 38. Маршеви 39. Паради 40. Верски поворки 41. Поклоненија 42. Моторизирани поворки

Почит на мртвите: 43. Политичка жалост 44. Божемни погреби 45. Демонстративни погреби 46. Оддавање почит на гробовите

Јавни собири: 47. Собири на протест или поддршка 48. Протестни митинзи 49. Прикриени митинзи на протест 50. Семинари

Повлекување и откажување: 51. Напуштање 52. Молчење 53. Откажување од почести 54. Вртење на грбот

МЕТОДИ НА ОПШТЕСТВЕНА НЕСОРАБОТКА

Заточеништво на лица: 55. Општествен бојкот 56. Селективен општествен бојкот 57. Лисистратска неакција (женски штрајк со одбивање на секс) 58. Екскомуникација 59. Забрана

Несоработка во општествени настани, обичаи и институции: 60. Одлагање на општествени и спортски активности 61. Бојкот на општествените работи 62. Студентски штрајк 63. Општествена непослушност 64. Повлекување од општествените институции

Повлекување од општествениот систем: 65. Останување дома 66. Целосна лична несоработка 67. „Бегство“ на работниците 68. Засолништво 69. Колективно исчезнување 70. Протестно емигрирање, иселување (Хиџрат)

МЕТОДИ НА ЕКОНОМСКА НЕСОРАБОТКА

(1) EКОНОМСКИ БОЈКОТИ: Акција на потрошувачите: 71. Потрошувачки бојкот 72. Нетрошење на бојкотирани производи 73. Политика на штедење

74. Неплаќање на кирија, закуп 75. Одбивање да се изнајмува 76. Национален потрошувачки бојкот 77. Меѓународен потрошувачки бојкот

Акција на работниците и на производителите: 78. Бојкот на работниците

79. Бојкот на производителите

Акција на посредниците: 80. Бојкот на набавувачите и доставувачите Акција на сопствениците и на раководството: 81. Бојкот на трговците 82. Одбивање да се изнајми или продаде имот 83. Затворање на фабрики и отпуштање на работници (Локаут) 84. Одбивање на индустриска помош 85. „Генерален штрајк“ на трговците

Акција на сопствениците на финансиски средства: 86. Повлекување на банкарските депозити 87. Одбивање да се платат такси, даноци и давачки 88. Одбивање да се платат долгови или камати 89. Прекинување на фондови и кредити 90. Одбивање на приходи 91. Одбивање на пари од владата

Акција на владите: 92. Домашно ембарго

93. Црна листа на трговците 94. Ембарго на меѓународните продавачи

95. Ембарго на меѓународните купувачи 96. Меѓународно трговско ембарго

(2) ШТРАЈК: Симболични штрајкови: 97. Протестен штрајк 98. Ненадеен прекин на работата (молскавичен штрајк)

Земјоделски штрајкови: 99. Штрајк на селаните 100. Штрајк на земјоделците

Штрајкови на посебни групи: 101. Одбивање на принудна работа 102. Штрајк на затворениците

103. Штрајк на занаетчиите 104. Штрајк на стручњаците

Обични индустриски штрајкови: 105. Штрајк на установите 106. Индустриски штрајк 107. Штрајк од симпатии, наклонетост

Ограничени штрајкови: 108. Детален (посебен) штрајк 109. Бампер штрајк (во една фирма или индустрија) 110. Штрајк со бавно работење 111. Штрајк со работа според правилата 112. Известување за „боледување“ (разболување) 113. Штрајк со оставка 114. Ограничен штрајк 115. Селективен штрајк

Повеќеиндустриски штрајкови: 116. Генерализиран штрајк 117. Генерален штрајк

Комбинација на штрајкови и затворање на економијата: 118. Целосно затворање на сите работни места (Хартал) 119. Прекин на стопанството

Поврзани новости