652
Деновиве во Неготино владееше вистинска „Нептун“ еуфорија, откако се прошири веста дека популарниот ланец на продавници за бела техника ќе отвори своја продавница во градот. Се бараат три лица за работно место во продажба. Од малото место, кое што заедно со околните села брои помалку од 20.000 жители, дури 107 кандидатки се пријавиле за работа како продавачки во „Нептун“. Голем број неготинчанки дури по завршувањето на огласот дознале за новоотворените работни места, и жалеле што навреме не биле информирани и не успеале да конкурираат.
Разговаравме со неколку од нив, кои што ни кажаа дека ги привлекло работното место поради тоа што имале доверба во компанијата, не стравувале дека се работи за нов бизнис кој може бргу да пропадне, и дека очекувале редовни плати и платени надоместоци. Покрај тоа, работата на повеќето пријавени девојки и жени им изгледала доста лесна и чиста, па воопшто не се двоумеле да се пријават на огласот.
,,Имаше голема заинтересираност за огласот за вработување на продавачи во Неготино, се пријавија 107 лица. Во првиот процес на селекција беше оценувана целосната апликација, образование и соодветно искуство. Согласно резултатите, се одбраа 15 кандидати кои беа повикани на интервју. На интервјуата место планираните тројца, беа одбрани 4 кандидати кои ќе бидат вработени во новата продавница“, изјавија за „Фокус“, надлежните во „Нептун“.
Сепак, тие одбија да ни кажат колку ќе изнесува платата на продавачите во продавницата во Неготино. Како што може да се забележи во огласите за работа во нивните продавници во други градови во внатрешноста, основната нето плата за продавачи се движи од околу 11.500 денари, па се до околу 14.500 денари, плус дополнителни бонуси и награди. Станува збор за работа во смени, шест дена во неделата, 40 часа неделно. За разлика од продавачите од внатрешноста, во огласите за продавачи во Скопје се нуди поголема плата. Почетната основна нето плата е над 14.000 денари, додека пак редовната е во износ од над 18.000 денари, за исто работно време во смени.
Огромниот интерес за работа во Нептун,, кај неготинчанки изненадува најмногу поради фактот што кога во градот, кој примарно живее од лозарство, кога е време за гроздобер, не може да се најдат берачки, чија дневница годинава изнесуваше 1.000 денари за помалку од осум часа работа, плус ручек, па лозарите беа принудени да ангажираат берачки од околните села и градови.
Вики Клинчарова