Доктор Ристе Зимоски од Кавадарци, специјализант по хирургија кај д-р Жан Митрев е тивкиот херој кој го спаси детето од давење кај Десарет, Охрид, пред два дена. За настанот известија многу медиуми, за напнатата ситуација кога детето на возраст од околу десет години без свест било извадено од водите на езерото, но и за човекот кој помеѓу првите притрчал и му пружил прва помош, враќајќи го во живот.
Од очевидци на настанот, ,,Фокус” дозна дека херојот од плажата е 27-годишниот кавадарчанец, по што стапивме во контакт, со цел да ја раскаже приказната која се најде во центарот на јавноста. Зимоски, на почеток, но и во тек на целиот разговор, изненаден поради јавниот интерес, неколку пати повтори дека воопшто не би сакал да биде во центарот на вниманието, бидејќи, како што вели, помагањето е само суштината на неговата професија.
-Настанот се случи на плажата Десарет до самото пристаниште… Еден капач го забележа детето во водата, блиску до еден глисер кој беше врзан на самото пристаниште. Побара помош, се стрчав му помогнав да се извади од вода заедно со уште неколкумина помеѓу кои и таткото на детето. Тоа беше во бесознание, со цијанотични усни и миотични зеници… Од тука го префрливме на лежалка под сенка, дишењето попат успеавме да го вратиме, но сеуште во бесознание, белите дробови не се експандираа добро. Го свртивме во бочна позиција, го истапкав по гради да испровоцираме исфрлање на водата… Палпирав стомак, видов дека е дистендиран, па со силен притисок на истиот успеа под млаз да исфрли голема количина на вода и тогаш се разбуди. Почна да плаче, да реагира делумно на надворешни дразби, зениците станаа нормопонирани-раскажува младиот доктор со лекарски речник, професионално појаснувајќи ја постапката која се случувала на очиглед на посетителите на плажата, но и на родителите на детето.
На нашето прашање околу емоциите, што ми минувало низ мислите кога било извадено детето во безсознание од водата, дали верувал дека ќе го спаси, тој вели дека и покрај тоа што знаел што точно треба да прави, сепак емоцијата која била присутна за целото време, бил стравот.
-Ситуацијата беше драматична, напната, родителите беа испаничени… Да бидам искрен, чувствував страв, иако ги знам чекорите и постапките, кога станува збор за дете во ваква состојба, чувствував дури уште поголема одговорност да реагирам правилно – вели д-р Зимоски, појаснувајќи дека во меѓувреме стигнала медицинската помош.
-Приказната имаше среќен крај. Понатаму нема информации во каква состојба е детето од кога е пренесено во болница. Малку подоцна, но исто така, вклучена беше уште една докторка по општа медицина која ми помагаше-раскажува докторот, кој вели дека поради брзината со која се одвивале работите, не знае кои се родителите на детето. Потенцира дека тоа е најмалку важно, бидејќи неговата мисија била детето да биде добро.
-Не знам како ова стана јавно, јас дури и сметам дека не треба да биде, бидејќи ние сме доктори, спасувањето ни е задача во секое време, на секое место. Драго ми е што бев таму во тој момент, што помогнав, но тоа е основата на нашата професија. Искрено се надевам дека сега детето е добро, тоа е најважното нешто. Секој на мое место би го направил истото- изјави за ,,Фокус” скромниот доктор, кого очевидците го нарекоа херојот на плажата.
Вики Клинчарова