Откако на почетокот на април им ја дадоа февруарската плата, Секјуриком Мултисервис повторно доцни со исплата на месечните приходи на над илјада вработени за март, дознава Фокус.
Од фирмата на вработените претходно им рекле дека ќе им бидат исплатени веднаш штом добијат некакви приходи, но тие се уште не се исплатени.
Според информациите до кои дојде Фокус, трудова инспекција подготвува постапка поради кршење на работничките права по анонимна пријава.
Претходно од фирмата ни изјавија дека го почитуваат интегритетот на вработените и дека досега не доцнеле со плати, додека пак вработените велат дека од фирмата често доцнат со плати, а некогаш дури и им префрлале половина плата, а другата половина ја добивале наредниот месец.
Како што претходно објави Фокус, фирмата под закани за отказ ги приморува дел од хигиеничарките освен во министерствата каде што се распоредени, да чистат и на други места каде Секјуриком има договори за една плата, нешто за што од фирмата рекоа дека не гледаат повреда на законите.
Инаку, на сопственикот на Секјуриком, австриецот Волфганг Гампер му е одземен пасошот бидејќи заедно со екс директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување како и соизвршителство за јавни набавки во кои Секјурком добива огромни суми за чистење, тековно одржување, обезбедување и дактилографски услуги во владини објекти.
Александар Тодески