Секирарска за „Фокус“: Стимулацијата на незаслужени петки станува заштитен знак на системот

by Fokus

Образованието предолго трпи импровизации, кои подразбираат нов почеток со секоја нова гарнитура и како по правило, нештата не доживуваат разрешница, а за жал, како единствено важен аспект од целиот толку комплексен процес, се издигнаа оценките.Главната причината за ваквите резултати во гимназијата „Орце Николов” би рекла дека ова е само еден од многуте сигнали за реалните состојби во образованието, вели  за „Фокус“ Елизабета Секирарска, професорка по Менаџмент и Маркетинг во СОУ „Перо Наков„ – Куманово.

-Сакам да нагласам дека ова е сепак состојба која опстојува многу време и е резултат на пошироките долготрајни општествени деформации, кои се рефлектираат врз него како витален дел од целиот организам.Стимулација на незаслужени петки и штанцање на оценки кои немаат соодветен габарит стануваат заштитен знак на системот, за жал и единствената мерка која служи за подигање на просекот потребен за упис и ништо повеќе не е важно. Апетитите на родителите и притисоците од другите различни субјекти станаа пресудни во системот на оценување, кој колку и да е детално разработен од страна на наставниците, а секако дека е, се урива под налетот на притисоците, додава таа.

Според неа неоходно е сериозно државно ангажирање и поддршка на ваквите деца, кои се своевидни репрезенти не само на сопствениот профил како ученици, туку и на државата, а тој ангажман треба да подразбере и реформски зафати во тој правец.

-Постои во менџментот едно убаво правило. Нема поголема неправда од еднакво однесување кон нееднаквите. Ова е се однесува на еднаквиот третман на надарените, талентираните и вредните деца, кои своите оценки ги заслужуваат со вистински труд и се нивниот реален одраз, во однос на оние кои добиваат петки на сосема поинаков начин.  Децата сепак не се исти и тоа треба да се нагласува и користи како механизам за напредување. Крајно време е квалитетот да се издвои од масата и да се вложува во него, а во интерес на мотивирање и насочување во вистинската насока – онаму каде можат да го дадат својот максимум, појаснува професорката Секирарска.

С.Т.

 

Поврзани новости