Сега улицата е нашиот медиум!

by lali

djelalСтудентите со својот прв протест го разбудија македонското општество, па од тогаш следуваа протести кои беа доста помасовни од досегашните изблици на незадоволство. По првиот протест на студентите имавме демонстрации со илјадници луѓе во Битола и во Тетово поради загадениот воздух. Потоа се случи марш на студентите на кој имаше преку 10.000 луѓе. Следуваше протест на кој преку 3.000 луѓе го искажаа својот револт за хонорарците. Па, повторно протестираа студентите пред Влада каде што имаше околу 7.000-8.000 луѓе. Овој циклус на протести заврши со маршот за новинарот Кежаровски, на кој имаше околу 3.000 демонстранти.

ПРОЦЕС НА БУДЕЊЕ

Што се случи, па почнаа луѓето да излегуваат на улица? Порано изблиците на незадоволство имаа просечно по 500 луѓе, исклучок беа протестите по убиството на Мартин Нешковски и почетокот на протестите на иницијативата АМАН. Очигледно е дека јавноста почнува да се буди и да реагира. Сега ќе ѝ треба време да се измие, да се отрезни од длабокиот сон и да почне да реагира на реалноста во која се наоЃа.

Сепак, процесот на будењето на јавноста е почнат и тој процес веќе никој неможе да го запре. Мамурната јавност уште сега гледа кон студентите, од кои очекува да почне нов циклус на протести. Но, и да затаат студентите, на разбудената јавност нема да ѝ треба многу време да најде свој нов автентичен изблик на незадоволство. Протестите се единственото нешто нормално што се случува во ненормалното македонско општество.

Еве, сега, и СОНК со сите притисоци успева да штрајкува. Како што сѐ повеќе ќе поминува време од будењето на јавноста, така протестите ќе бидат сѐ помасовни. Сега улиците се медиум преку кој луѓето ќе можат да ја чујат вистината, ќе можат да ги добијат пораките од кои ќе се охрабрат.

Не случајно на протестите на кои има преку 3.000 луѓе веднаш паѓа интернетот. Да, почитувани, режимот на овој медиум нема да може со владини реклами да му ја купи уредувачката политика, ниту ќе може да му праќа инспекции. На овој медиум режимот нема да може да му го затвори сопственикот и целото негово семејство, ниту ќе може да го убие. Сопственик на нашиот нов медиум е јавноста што се буди.

Овој медиум, драги мои, само што почна со својата работа, а како поминува времето, така ќе биде сѐ подобар и подобар. Неговата гледаност сѐ повеќе ќе расте, како и довербата во него. За кратко време улицата ќе стане и највлијателниот медиум.

Некој ќе рече дека сум преголем оптимист и дека јавноста не се буди, туку како месечар шета во сон. Јас не сум оптимист дека груевизмот ќе падне во 2015 година, но дека се буди јавноста сум, а во 2015 година секако дека ќе се уверат и песимистите.

БИТКА БЕЗ КАЛКУЛАЦИИ

Јас не сум оптимист дека оваа власт може да се коригира во своето работење. Оваа наша власт нема ниту трошка совест, ниту, пак, чувство за одговорност. Оваа власт е брутална како оние убијци кои влегуваат по домовите на старите и изнемоштени лица и ги убиваат за 1.000 денари.

Ваква власт, почитувани читатели, не се урива со прес-конференции, кои ќе ги пренесат две радија, две телевизии, два весника и пет портали, а другите 90 отсто од медиумите, или ќе ја игнорираат, или ќе почнат да ја „филуваат“.

Оваа власт не се руши ниту преку институции. Не постои афера на светот, дури и сите да ги обедините во една, која би можела ова обвинителство да го натера да ја процесуира против пастирот. Или овој суд да го прогласи светецот за виновен. Во земји во кои нема демократија, деспотот себе се претставува за морална величина и преостанатото општество со сила го прилагодува на себе.

Па, така и во Македонија, кога нашиот пастир „јаде бурек“ кај бурекчијата кој му се упикува во анус, тој неговиот морал и неговата бедна душа, за која неколкупати наплатил пари дека ѝ била нанесена болка, ја претставува како величина.

Му било чудно нему како одредени новинари живееле со толкава омраза кон него, а притоа мртов ладен, дури и горд, кажа дека Кежаровски е осуден според закон кој е донесен во време на СДСМ и дека за него сѐ до апсењето не знаел дека постои на планетава.

Посакувам некоја нормална власт да ги суди според закони донесени во нивно време, време на ДПМНЕ. Затоа мислам дека оваа година на мнозинството граѓани, но и на опозицијата, две работи ќе им станат јасни.

Првата, сѐ додека има повеќе луѓе на концерт на Цеца отколку на улица како незадоволство од груевизмот, сѐ до тогаш црно ни се пишува.

Второто е: овој режим може да се порази само во голема и заедничка битка. Битка во која ќе се влезе до крај, без калкулации, без фемкање. Во битка во која, кога ќе се тргне, на секој ќе му биде јасно дека нема назад.

Сѐ додека ни фали таа одлучност, режимот ќе биде во предност и ќе биде посилен од сите нас заедно. Не можат сите да нѐ затворат, не можат сите да нѐ убијат, но на сите да ви биде јасно – ќе се обидат!

Поврзани новости