Медиумската организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), со седиште во Виена е загрижена за предлог законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали што во Собранието го поднесоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
– Прво, не е прифатливо и е против основните човекови права да се прислушува народот како што е сторено во Македонија во изминатиов период. Ако новинарот од некои извори ги добие прислушуваните материјали и ако детали од прислушувањето се од јавен интерес, тогаш медиумите имаат право да ги објават. Се разбира, секој кој го има овој материјал в раце, мора да ја заштити приватноста на лицата кои се прислушувани, но ако со оваа информација јавноста ќе биде запознаена со нелегални активности на државата, корупција и криминални активности на лица кои извршуваат јавни функции, тогаш јавноста има право тоа да го знае – изјави Оливер Вујовиќ, генералниот секретар на СЕЕМО.
Предлог – законот предвидува казна затвор од најмалку 4 години за тој што неовластено поседува, обработува и располага на кој било начин со материјалите од бомбите. И, за тој што неовластено ќе објави или пренесе прислушувани или тонски снимени разговори или делови од нив, или нивни транскрипти, во Македонија или во странство, законот пропишува казна затвор од најмалку 4 години.