До Врховниот суд во моментот пристигнале 17 приговори од судии кои се жалат на последниот годишен распоред кој го направи в.д. претседателот на кривичниот суд, Стојанче Рибарев, а со кој повторно беа деградирани, но и тргнати од одделите каде што пристигнуваат предметите од СЈО.
Од Врховниот суд ни посочија дека се уште не е закажана општа седница на која ќе се разгледуваат приговорите, бидејќи се чека некој од нив да не стигне и по пошта.
Судите со кои разговаравме не се оптимисти дека приговорите ќе им бидат уважени, како што тоа се случи последниот пат. Сметаат дека овој пат Врховниот суд ќе ги одбие и распоредот ќе стапи на сила.
Рибарев, за свој заменик ја именува Славјанка Јанковска, судијката која со само еден потпис ги отфрли таканаречените “бомби” како индиции за постоење на сериозен криминал и корупција и со тоа спречи истраги за високи државни функционери.
По предметите во истрага на СЈО, пак, ќе постапува екс-претседателот Владимир Панчевски, како и судиите Ненад Савевски, Александра Поп Стефанија и Елена Илиевска-Јосифовиќ.
За разлика од нив, судии со долгогодишен стаж и добри оцени се деградирани во одделението за прекршоци или се ставени да судат предмети по стариот ЗКП.
В.В.