Седум лица се повредени попладнево во напад во Тел Авив, кога напаѓачот со пикап налетал на пешаците на тротоарот, а потоа излегол и со нож нападнал уште неколку лица, соопшти израелската полиција.
Состојбата на три лица е сериозна, а напаѓачот е убиен на местото на нападот од вооружен цивил, пренесуваат израелските медиуми полициско соопштение во кое се наведува дека се работи за терористички напад.
Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, го пофали нападот како „херојска одмазда за (израелската) воена операција во (палестинскиот град) Џенин“, на окупираниот Западен Брег каде што вчера започна воената операција.
На нападот прв реагираше израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, кој рече дека Израелците мора да се обединат против теророт.
Медиумите набрзо го идентификуваа напаѓачот и објавија дека тој живее во палестинска населба во близина на Хеброн на Западниот Брег.
Како што се наведува, 23-годишниот Палестинец влегол во Израел со медицинска дозвола.