Основното јавно обвинителство Штип денеска поднесе предлози за издавање казнени налози за осум лица, кои во одделни кривични правни настани го сториле кривичното дело „непостапување според здравствени прописи во време на епидемија“.
Како што соопшти Јавното обвинителство, седумина обвинети постапиле спротивно на Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана и посебен режим на движење на населението од 21:00 до 5:00 часот и во време на забрана на движењето во вечерните часови се движеле пешки или со возила низ градот.
Еден од нив, државјанин на Грција со привремено живеалиште во Штип, требало да биде во задолжителна самоизолација согласно донесените мерки за сузбивање на заразната болест – Коид-19. Тој во земјава влегол на „Меѓународниот аеродром Скопје“ на 17 март годинава, при што потпишал изјава за самоизолација која требало да ја почитува во следните 14 дена. Но, во периодот од 17 до 19 март, обвинетиот го напуштил своето престојувалиште и бил во неговата канцеларија во градот.
Основното јавно обвинителство Штип со поднесените предлози за издавање казнени налози, на надлежниот суд предложи за седум обвинети кои не го почитувале полицискиот час да изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби, секоја од нив од по 20 евра во денарска противвредност. За обвинетиот кој не постапил според должноста за самоизолација, обвинителството предложи на судот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив од по 30 евра во денарска противвредност.