Денес се навршуваат седум години од смртта на фолк легендата Гоце Арнаудов. Голем број на хитовски песни на струмичанецот останаа врежани во македонската музичка историја, а освен по хитовите, тој е запаметен и по своите еуфорични настапи.
Амбасадорот на македонската песна, кој имаше стотици настапи во странство за време на својот живот, зад себе остави околу 200 песни. Пет години беше прогласуван за најпопуларна личност во Македонија и над 60 пати освои прво место на разни фолк фестивали и музички натпревари, успех кој се уште не го повторил друг фолк музичар во земјава. Во 2000-та година пак, тој направи концерт за паматење во Струмица и настапи пред околу 10.000 публика.
Тогаш беше прогласен за почесен граѓанин и ја доби наградата за пејач на деценијата. Пред околу четири години доби споменик во Струмица, во малиот градски парк, кој беше откриен во присуство на премиерот Зоран Заев, кој во тоа време беше градоначалник, и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
-Гоце пеееше од срце. Се што испеа стана хит, а народот неговото пеење го чувствуваше како свое. На Гоце не му е потребен споменик, тој ни е потребен нам, како сведоштво за почит која ја имаме кон човекот кој ја прослави Струмица надалеку – изјави тогаш Заев.
Пред две години, во разговор за ,,Фокус” неговата сопруга Силвија ни откри дека во неговиот роден град Струмица е отворена фондација ,,Гоце Арнаудов” која требало да функционира според концепт на донации од хумани луѓе за помош на млади и талентирани музичари.
Сепак, според наши сознанија, фондацијата не е активна, бидејќи денес ретко кој донира како поттик за музичките таленти. Многуте најави дека за него ќе се снима документарен филм и ќе биде објавена неговата автобиографија, со цел да му се сочува делото од заборав, останаа само празни ветувања. Арнаудов почина по тешко боледување на свои 57 години.
Вики Клинчарова