Членовите на ДИК ќе го разгледаат Извештајот за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, заклучно со 5 април 2016 година.
Од исходот на седницата се очекува да зависи и каков ќе биде ставот на опозицијата за распуштањето на Собранието кое треба да се случи вечерва на полноќ и одење на избори на 5 јуни. По однос на другиот услов – медиумски реформи, се уште нема никакво поместување, односно воопшто и не се преговара.
Неизвесно е и каков став ќе имаат членовите на ДИК во однос на изборите. Ако се изјаснат дека нема услови тогаш ќе мора изборниот датум да се откаже, односно да се искористи Собранието да ја повлече одлуката за избори на 5-ти јуни, пред да биде распуштено. Ако потврдат дека има услови тогаш 5-ти јуни станува извесен датум. Но дали опозицијата во вакви услови кога не се остварени сите точки од договорот во Пржино ќе излезе на избори?
Ако Собранието ноќеска се распушти ќе останат неразгледани предлозите на Специјалната обвинителка Катица Јанева за некои законски измени, како на пример Законот за заштитени сведоци. Нема да може ниту да се интервенира во законодавството од медиумската сфера, како еден од клучните услови за фер избори.