Коментарот е објавен на 13 декември 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1471
Не е правда да го кажеме сите нашето ценето мислење, не е правда и стопати да ги наречеме монструми. Не е правда ниту да ги носиме во суд осомничените со бричени глави. Не е правда министерот Лога, кој нема доверба ниту во судството, ниту во Судскиот совет, да бара истите тие судии да судат смртна казна.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Системот на неказнивост родила монструм. Ова е дијагнозата што ја даде речиси целата македонска јавност за Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен дека го организирал и го извршил убиството на малолетната Вања и на велешанецот Панче.
Ваква констатација даде и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, но она што ми е највистинито во дел од неговата изјава е дека Македонците се вљубени во тој систем. И навистина, колку и да се вреска за правда, грозоморните убиства потврдија дека Македонците се вљубени во личности како Палчо.
Од целото судење за масовното прислушување, најзапрепастувачки момент ми беше кога еден од новинарите што сведочеа како оштетени, кои сведочеа дека Мијалков ги прислушувал, срдечно му пријде и се поздрави со обвинетиот прислушувач.
И тоа за мене е вистинската слика за Македонецот. Така беше и со Палчо, големиот скопски, центарски „фраер“, кој седеше на иста маса со политичари, новинари, големци, кои на криминален начин ни ја кројат судбината, нам, на обичните. Гостуваше на емисии, поткасти и го формираше јавното мислење на дел од народот.
На тие емисии, никој не го прашуваше зошто си продавал станови на неколкумина, од кај ти се „бомбите“ што ги пушташе, од кај ти е оружјето со кое те фати полицијата, зошто си ја претепал сопствената ќерка? И луѓето го гледаа, раскажуваа што кажал Палчо, што кажал Марјан од Доказ, какви гнасотии напишале на Доказ.
И тука се гледа свеста и интересот на граѓаните. Тие се хранат со туѓиот интимен живот, со крв, со теории на заговор што ги шират луѓе со криминално минато, луѓе што го изиграле системот и ние треба да им се восхитуваме. Ако порано немало многу медиуми, сега со милион медиуми и социјални мрежи, не само што сме далеку од вистината, туку ни се сервира само изопаченост.
На телевизија, експертизи даваат обвинети во судски случаи, кои ете имаат мислење за сѐ и сакаат да се снимаат или некои маргиналци, чие мислење нема никаква тежина. На порталите и на социјалните мрежи се шири, пак, она мислење што е најбизарно, кое ќе има многу кликови.
Ни убиството на четиринаесетгодишното девојче не нѐ освести. Партиите крволочно го користат пред избори, а другите, сите морални величини, за себепромоција. Па, дел од новинарите што ја спроведуваа пропагандата на Груевски, се рехабилитираа со ова убиство.
Другите, пак, ја убедуваат јавноста колку полицијата и обвинителството експресно и професионално си ја завршиле работата, не треба ни логично прашање да се постави зашто ќе се наруши истрагата. Седнати во удобните фотелји, никогаш не покажале како се известува за вакви големи трагедии, ама стопати кажале.
Уште пред да се обелодени официјално дека девојчето е најдено мртво и кои се осомничени, сите веќе знаеја сѐ. И дека таткото е вмешан, иако неговата улога е сѐ уште спорна. И тоа од најсигурни извори, од оние кои се инсталирани во институциите преку партиите. И сите работат за партиите, а не за државата. И сервираат информации во служба на партијата.
Кај нас се слави непрофесионализмот, се величаат тие што не знаат, ама се полни со себеси. Тие го креираат јавното мислење. И тоа за нас треба да е нормално, зашто ако го проблематизираме, ќе бидеме луди, нема да бидеме исти со полудите.
И од тоа нема враќање назад, макар убиле и невино девојче, кое може да биде сечие. Наместо сплотеност, заедништво, издигнување над сопствените комплекси и фрустрации, ние ладнокрвно и упорно ги коментираме другите, само за да покажеме колку сме ние паметни и морални, иако сме седеле на иста маса со Палчо.
Не е правда да го кажеме сите нашето ценето мислење, не е правда и стопати да ги наречеме монструми. Не е правда ниту да ги носиме во суд осомничените со бричени глави. Не е правда, министерот Лога, кој нема доверба ниту во судството, ниту во Судскиот совет, да бара истите тие судии да судат смртна казна.
Правда е ако целосно, до крај со докази и факти се расветли кој и зошто ги убил Вања и Панче. Правда е да се расветли учеството на таткото. Правда е Палчо да биде екстрадиран и сите обвинети да бидат осудени на соодветни затворски казни.
Правда е да не го заборавиме овој случај и да не престанеме да бараме одговори и одговорност. Како што ги заборавивме четирите деца и рибарот што беа убиени, ни криви, ни должни, а нивните убијци ги пуштивме слободни на Косово. Како што го заборавивме Ласкарци, Беса транс и жртвите од тетовската болница.
Па, и скандалот со Онкологија, кој се верглаше додека тоа им одговараше на партиите. Да не дозволиме неказнивоста за стотиците невини жртви да стане нормална и за Вања и Панче.
А на Георгиевски да му го поставиме најбитното прашање. Како стана успешен бизнисмен?