Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц смета дека нема ништо спорно во неговото присуство на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи бил присутен во својство на член на Европската родна партија.
Тој денеска по средбата со Никола Поповски, министерот за надорешни работи објасни и дека од партијата му го платиле и патот и хотелскиот престој, а денеска во МНР е во својство на министер за надворешни работи на неговата земја. Тој додаде дека стои зад секој збор што го кажал синоќа и оти ги повикал граѓаните на Македонија да излезат на избори, а за кого ќе го дадат својот гласа решаваат само и единствено тие самите.
„Вчера бев на настан на партијата, присутен како претставник на Народната партија на Австрија. За мене не е невообичаено да се посетуваат настани на сестрински политички партии. Во мојот говор не им посочив на луѓето за кого да гласаат. Ги повикав да излезат на избори, а одлуката треба тие да ја донесат“, изјави Курц.
Тој порача дека спроведувањето на слободни и фер избори заедно со имплементација на итните реформски приоритети ќе ѝ овозможат на Македонија да се врати на патот кој ќе ја води кон отворање на преговори за членство во ЕУ.
„Се надевам дека ќе успеете да направите важни реформски чекори пред сѐ во правец на зајакнување на правната држава и она што сега е нужно, а тоа се слободни и фер избори кои треба да се спроведат. Доколку тоа успее, тогаш Македонија се наоѓа на добар пат кон ЕУ и секако ќе има и отворање на преговорите. За мене е тоа исклучително позитивно и коректно“, изјави Курц.
Тој пред новинарите информираше дека на денешната средба со Попоски двете земји усвоиле Акциски план за соработка за 2017 година кој се однесува на интеграцијата во ЕУ, соработката во Берлинскиот процес, како и во рамки на претстојното австриско претседавање со ОБСЕ во 2017 година.