Сеад Кочан, бизнисмен осомничен во „Труст“, случај што го истражува СЈО, во четвртокот во 13, 53 минути со автомобил „мерцедес“ поминал преку граничниот премин Табановце, дознава „Фокус“ од полициски извори. Според оваа информација Кочан ја напуштил Македонија во истиот ден кога веќе била донесена одлуката за притвор, но се уште не била официјализирана.
Кривичниот суд официјално соопшти дека е одредена мерка притвор за Кочан во петокот кога и на веб страницата на Основниот суд Скопје 1 беше објавено образложението на решението за притвор. По барање на овој суд, полицијата почна потрага по осомничениот бизнисмен, а во меѓувреме беше распишана и меѓународна потерница.
Во очекување на официјални информации од полицијата која треба да го лоцира осомничениот Сеад Кочан и да го притвори по барање на Кривичниот суд, дознаваме дека се врши силен притисок врз судиите од Апелацискиот суд кои треба да одлучуваат по жалбата за притвор на Кочан.
Во предметот „Труст“ според СЈО, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра, доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност.