Пожарот во скопското село Моране, општина Студеничани, се уште е активен. Во гасењето се вклучени 20 лица од Дирекцијата за заштита и спасување, делува еден хеликоптер и авиони на Дирекцијата, објави МИА.
Како што соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), се е уште е активен пожарот во атарот на селото Требовље, кој сега е префрлен во месноста викана Фојник и оди кон село Близанско. Пожарот е на отворен простор, а запалена е сува трева и лисната постилка од борова шума. Во гасењето се ангажирани 45 лица.
Кон селата Калуѓерец и Могилец гори сува трева и нискостеблесна шума. Пожарот го гасат 28 лица и тој зафатил две стари куќи, пренесе агенцијата.
Во скопското село Радуша гори нискостеблесна шума. Пожарот оди преку сртот кон селото Бојане, општина Сарај. На терен е Територијалната противпожарна единица со две возила.
Во општина Чашка, на планински предел во селата Лисец и Јаболчиште активни се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.
На планинскиот предел во селото Дреново, Велешко, активен е шумски пожар на непристапен терен за гасење.
Кај селото Копанце, Тетовско, гори сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На терен се ангажирани лица од Територијалната противпожарна единица, пишува МИА.
Во атарот на село Гургурница гори сува трева и пасишта, но постои можност да зафати и дел од високата шума. Пожарот е дојден од страна на Македонски Брод и горат пасишта. Пожарот се шири кон селото Корито, општина Гостивар. На терен се ангажирани лица од Територијалната противпожарна единица.
ДЗС информира дека под контрола се ставени неколку пожари. Ставен е под контрола пожарот во атарот на село Девич, месноста викана Попец. Пожарот, кој беше на отворен простор, зафати сува трева и ниско стеблеста шума со 10 хектари.
Под контрола е ставен и пожарот во селото Растеж, каде беше запалена сува трева и лисната постилка од борова шума.
Под контрола е шумскиот пожар во селото Богомила, општина Чашка. Ангажирани се осум вработени и авионите од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во текот на вчерашниот ден, како што соопшти ДЗС, изгасени се пожарите во Ресен и во Кратово.
Во гасењето на пожарот во атарот на село Јанковец, Ресен, во непосредна близина на манастирот „Св.Богородица“ биле ангажирани 86 лица. Пожарот зафатил три хектари дабова шума и сува трева.
Во атарот на село Трновац, Кратово, била запалена сува трева и нискостеблеста шума на два хектари.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека е во состојба на зголемена будност, пренесе МИА.