Се вееше југословенското знаме во Кавадарци, Брена ја разбуди Ју носталгијата

by Fokus

Балканската фолк ѕвезда Лепа Брена синоќа во Кавадарци успеа да привлече десетици илјади посетители. На нејзиниот концерт, со кој се затвори манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2023” градот беше преполн со гости од цела Македонија.

Брена, која наредниот месец ќе полни 63 години, за време на настапот кој траеше околу часиполовина, уште еднаш покажа дека самата по себе е институција, и со песни снимени во екот на нејзината слава, пред околу четири децении, се уште може да ја крене публиката на нозе.

Се пееја нејзините хитови со повесел ритам, имаше еден блок со балади, кој пејачката го изведе седната на стол, а потоа повторно застана на сцената и продолжи со компилација од нејзини повесели песни.

Како и на сите концерти, и во Кавадарци таа ја запеа „Ја сам Југословенка”, песна снимена во 1989 година, која ја пееше заедно со Ален Исламовиќ, Данијел Поповиќ и Владо Калембер.

Додека ја изведуваше, во публика се развеа југословенското знаме, и целиот концерт помина во знакот на носталгијата по старите времиња. Многумина кои беа во публиката се присетија на нејзиниот концерт на стадионот во Кавадарци, пред околу 40 години, кога како деца ја гледале пејачката која беше симбол за сплотеност помеѓу народите, но и атракција на југословенската музичка сцена.

Еден ден пред концертот во Кавадарци, таа имаше концерт во Ниш, а веќе се најавени нејзини концерти во Романија по пет дена, и во Бугарија на 25-ти ноември, каде ќе настапи заедно со Драгана Мирковиќ, во Арена Армеец во Софија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости