Се уште нема трага од исчезнатата жена во пожарот

by fokus

Се уште не е пронајдена жената за која се тврдеше дека изгорела во пожар во Старо Нагоричане, истакна директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

-Немаме одговор дали жената е побегната и каде се наоѓа. Ќе почекаме истрагата да го каже последниот збор. Тоа е засега единствената потенцијална жртва. Ние изразуваме сочувство до сопругот и до семејството на жената доколку е почината. Но, некако одвнатре се надеваме дека е жива и дека успеала да побегне од огнената стихија – рече Ангелов.

Тој апелираше граѓаните особено да бидат внимателни при ракување со алат којшто искри.

-Сечењето на железо може да фрли искра што може да предизвика пожар со трагични последици. Жиците за кои апелиравме до ЕВН и МЕПСО, зависи во чија надлежност се, онаму каде што може да се затегнат. Ние не сакаме нив да ги обвиниме за неодоговорност, едноставно жешкото време прави жиците да се продолжат за неколку сантиметри, а ветерот кој што постојано дува придонесува тие да се допрат и да летаат искри кои потоа ја палат сувата трева – истакна Ангелов.

Тој наведе дека сите граѓани се дел од системот за управување со кризи и се должни кога ќе наидат на мал оган да го изгаснат без при тоа самите себе си да се изложуваат на опасност.

-Деновиве дејствува и романски авион кој има многу голема носивост и што дејствува со таканаречени водни бомби. Се уште проценуваме какви се резултатите од неговото користење, но факт е дека помага и тоа многу. Но, носечкиот товар падна врз армиските хеликоптери. Посебна благодарност до сите припадници на Армијата, особено до пилотите кои го ризикуваат нивниот живот – посочи Ангелов.

Поврзани новости