Се уште ништо не е дефинитивно, затоа и замолив за трпение од страна на медиумите. Во тек се процедури, по чие завршување ќе се знаат детали околу тоа дали Скопје ЗОО ќе го изгуби кандидатскиот статус за членка во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – кратко порача директорот Зоран Попов во телефонски разговор за „Фокус”.
Вели дека јавноста транспарентно ќе биде информирана за сите детали за краток период, кога се ќе биде официјално.
Негира дека потврдил како зоолошката го изгубила кандидатскиот статус, иако тоа беше објавено пред три дена во електронскиот медиум СДК.мк, а истите шпекулации се појавија во јавност уште пред неколку недели.
Деновиве „Фокус” во повеќе наврати се обиде да стапи во контакт со директорот, кој денес во краткиот телефонски разговор информираше дека се уште не излегол со соопштение, затоа што и самиот тој чекал процедурите да бидат завршени, за може да објави точни и официјални податоци за сите случувања околу ЕАЗА.
Порача дека не треба да се избрзува со шпекулации, и кажа дека во зоолошката се работи посветено и одговорно.
На прашањето дали Тина Мицковска повеќе не е е портпарол на градината, бидејќи изминатиот период не е актуелна со изјави во медиумите како што тоа беше пракса во минатото, одговори дека таа е дел од вработените во одделот за контакти со јавност, но ЗОО работело според нови стандарди и новинарските прашања ќе се одговарале исклучително преку официјалната електронска адреса.
Истакна и дека евентуалното губење на кандидатскиот статус за членка во ЕАЗА не значело осум-годишна забрана со соработка со другите зоолошки градини, туку станувало збор за рок од пет години.
По повод настаните, „Фокус” испрати прашања и до дел од тимот на ЕАЗА која е лоцирана во Амстердам, Холандија, но до објавата на веста се уште не добивме повратен одговор.
Вики Клинчарова