Ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски се подготвува во Министерството за правда, потврдуваат од министерството за „Фокус“. Тој веќе четири години е во бегство, засолнет во Будимпешта, Унгарија, од каде што веќе негативно одговорија на првото барање, испратено во 2018 година.
-Министерството за правда во наредниот период ќе поднесе ново барање за екстрадиција на Никола Груевски. Досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница, ни одговорија од Министерството за правда.
Оттаму појаснуваат дека првото барање било одбиено со обралоижение дека Груевски добил азил.
-Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе се постапи соодветно, додаваат од Правда.
Како што неодамна објави „Фокус“, екс премиерот Груевски пак е слободен граѓанин за Интерпол. Меѓу 7.232 озлогласени криминалци по кои трага Интерпол, не се наоѓа негова фотографија. На листата на бегалци има двајца македонски државјани, но меѓународната полиција не трага по екс премиерот на Македонија.
Веднаш по неговото бегство во Унгарија, во ноември 2018 година, по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР испрати податоци до Интерпол, со седиште во Лион, Франција, но оттаму одбија да ја објават меѓународната потерница. По речиси 4 години за нив Груевски е слободен граѓанин кој слободно може да патува во други земји.
И покрај очекувањата на македонските власти потерницата да се објави, сепак, тоа не се случи. Сепак, и од правилникот на Интерпол, донесен во 2015 година, може и да се претпостави дека фотографијата на Груевски нема да осамне на нивната страница. Главната причина е што Груевски и официјално доби азил од Унгарија, со образложение дека во Македонија бил под политички прогон, а правилото на Интерпол е да не објавува потерници за лица чиј бегалски статус е потврден.
Груевски според унгарските власти бил жртва на политички прогон. Ова е официјалниот став на Унгарија кој го соопшти министерот за правда Лазло Трошани кој појасни дека по нивната одлука за азил залудно било барањето на Македонија за екстрадиција. Министерот, гостувајќи во тамошните медиуми, објаснуваше и дека поранешниот македонски премиер сега има право да побара унгарски патни документи и потоа ќе може слободно да патува во Европската унија како секој друг граѓанин. И не само што ќе може да патува, туку ќе може и да се кандидира на избори и да биде избран на високи политички функции.
Тригодишниот азил на Груевски му истече пред речиси една година, но од Унгарија не стигна информација за актуелниот статус на бегалецот, односно дали азилот му бил продолжен.
Валентина Вурмо