Правда повторно ќе бара од Косово да ги испорача осудените во „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири

by fokus

Покрај новото барање за екстрадиција на екс премиерот Никола Груевски, од Министерството за правда информираат дека во наредниот период ќе поднесат нови барања за екстрадиција и на осудените бегалци за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

Новото барање следува по неодамнешната одлука на Апелациониот суд Скопје кој ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се осудени на доживотна казна затвор.

-За лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година , потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено, велат од Министерството за правда.

Оттаму појаснуваат дека официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

Случајот „Монструм“, поточно петкратното убиство кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски. Двајцата осудени од стартот беа недосатапни, поради што им се судеше во отсуство.

В.В.

Поврзани новости