Не станува збор за подготвка на нов закон за амнестија, туку за подготовка на нов закон за помилување, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање околу најавата на заменик-министерот за правда Агим Нухиу дека се подготвува ваков закон.
Пендаровски појасни дека по инцијатива на Министерството за правда новиот закон за помилување е во подготовка од пред повеќе месеци.
– Јас имам мои експерти кои учествуваат во работните комсии и колку што знам, тој текст е сега во Владата и би требало да оди кон Собранието, рече Пендаровски.
Образложувајќи ја идејата која сакале да биде постигната, Пендаровски посочи дека со измените, доколку бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда ќе може да помилува само по правосилноста на пресудата.
– Сега претседателот има право на инцијатива на Министерство за правда да помилува човек во која било фаза од постапката, од апсењето и кога ја издржува казната. Јас го поддржувам тој пристап. Идејата беше сега со тие измени ако бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда да може да помилува само по правосилноста на пресудата, информира Пендаровски.
Според него, треба да се остави судскиот систем да ја истера постапката, да се соочат аргументите на Обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот, кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна, да реагира аки има некаков простор за корекција на таа пресуда.
– Имавме неколку контроверзни ситуации изминативе 20 години, дали од политички причини или не знам од кои други причини, некој некого помилувал во рана фаза на постапката. Треба да се остави судскиот систем да ја истера постапка, да се соочат аргументите на обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна дека има некаков простор за корекција на таа пресуда, тогаш е дозволено да „влезе“ во процесот, а не првиот, вториот или третиот ден да пресуди и да рече „Нема да има постапка понатаму“, со што практично де факто се дерогира целокупниот правосуден систем, рече Пендаровски.
Меѓу политичарите кои досега беа аболицирани се поранешниот премиер, Зоран Заев, а последната групна аболиција ја даде поранешниот претседател, Ѓорге Иванов кој аболицираше над педесет поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ја повлече аболицијата. Сега против дел од нив траат судските процеси, но помилуваните функционери се повикуваат на аболицијата на Иванов пред судот во Стразбур.