Економски советници наскоро се очекува да заминат во Софија, Брисел, Женева, Рим и Чикаго, а се најавува ист потег и за други градови во светот. Дел од нив ќе бидат од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, кои ќе добијат дипломатски статус, односно ќе бидат дел од дипломатската мрежа на МНР. За таа цел, шефот на дипломатијата, Бујар Османи, денеска потпиша меморандум со министерот за економија, Крешник Бектеши, и заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
-Посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа – рече Османи.
Ова ќе биде втора група економски советници, додека во првата беа избрани лица за во Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби. Советникот во Софија ќе се избере преку конкурс во МНР, кој е распишан пред неколку дена. Негова задача ќе биде да ги следи економските активности, соработката помеѓу бизнисите, можноста за инвестиции од двете страни, комуникацијата помеѓу луѓето, туристите …
-Неговата задача ќе биде малку поразлична од економските советници коишто ги испраќаме во другите држави бидејќи ќе се фокусира на секторската соработка во делот на економските односи, на трговските односи и во имплементација на Акцискиот план во делот на економската соработка. Имаше многу шпекулации дали постои економска соработка со Бугарија, дали има простор за бугарски инвестиции во државата, дали има одредена пречка, коишто ние ги демантиравме со факти – рече Османи.
Во Брисел, Женева и Чикаго, ќе биде испратен советник кој ќе се избере на интерен оглас во Министерството за економија. Економскиот претставник кој ќе биде испратен во Брисел ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс. Но, според Бектеши, тој ќе има задача и во однос на економските задачи од поглавјата што се отвораат при преговорите со ЕУ.
-Советникот во Брисел освен тоа што ќе ја промовира нашата држава во делот на привлекување инвестиции и зголемување на соработката меѓу нашите и компаниите од земјите на Бенелукс, ќе работи и во делот на исполнување на сите работи кои како Министерство за економија ги покриваме за да бидат хармонизирани со ЕУ, значи осумте поглавја во делот на трговијата, внатрешниот пазар, заштитата на потрошувачите, развој на туризмот, енергетиката – рече Бектеши.
Советникот во Женева, пак, ќе биде со надлежност за Светската трговска организација и компании во тој дел на Швајцарија, додека лицето кое ќе биде испратено во генералниот конзулат во Чикаго ќе има надлежност за регионот на таканаречените езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Министерството за земјоделство, пак, преку МНР ќе испрати советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие – ФАО, но воедно ќе виде задолжен и за територијата на Италија.