Дизелот пред поскапување, се воведува еколошка такса

by fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес обвини дека со ребалансот на Буџетот се предлага нова давачка за дизел горивата што трајно ќе ја зголеми цената на дизелот. Данокот за ова гориво, како што истакнуваат од таму, има цел да се покријат дупките во државната каса.

„Заев со ребалансот на буџетот предлага воведување на нова давачка за дизел горивата од 4 денари. Тоа се 4 нови денари, кои трајно ќе ја зголемат цената на дизелот. Народот ќе плаќа поскап дизел затоа што Заев ја втурна државата во долгови, а данокот на дизелот има за цел покривање на долговите и дупката во буџетот која ја направи Заев“, велат од ДПМНЕ.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, пак, уверува дека можното зголемување на цената на дизелот нема да удри по стандардот на граѓаните. Според него, Владата нема донесено никаква одлука околу цените на енергенсите, туку, како што, рече, во моментов се прават анализи за воведување на еколошки такси.

-Како Влада ние внимаваме цената на енергенсите да биде соодветна на економскиот стандард на населението како и на економските перформанси на стопанството со што не би се довело во прашање ниту животниот стандард на граѓаните ниту продуктивноста и ефикасноста на компаниите. Калкулации се уште се прават, не постои финална одлука за апсолутен износ – изјави Ковачевски.

Поврзани новости