Скопјани утринава се разбудија со информацијата дека ќе го снема обележјето на улицата Максим Горки, бидејќи во тек е сеча на 13 јапонски цреши, кои досега ја красеа пешачката улица. Веќе стигнуваат негативни коментари од револтирани скопјани, а од Град Скопје појаснуваат дека црешите биле суви.
-Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ утре ќе извршат сечење на 13 суви јапонски цреши на улицата Максим Горки. Дрвјата се целосно исушени и имаат нарушен коренски систем. Овој дрворед во центарот на градот ќе биде набрзо обновен со есенската акција за садење дрвја, пишува во вчерашната најава на Град Скопје.
Познатиот режисер Владимир Милчин, пак, го изрази својот револт на фејсбук.
-Паднаа јапонските цреши. Сабајлево. Соголена е најубавата улица. Горки. Без најава. Прашувам еден од работниците кој им наредил да сечат, ми вели: Зоран Заев. Градоначалникот Богдановиќ ми вели дека дрвјата биле болни и дека ќе насаделе нови! Пролетоска речиси сите процутеа…, напиша Милчин.