Се реконструира патот до Михајлово – белите дробови на Кавадарци!

by fokus

Во Општина Кавадарци во тек е реконструкција на патот кој води до Михајлово, одморалиштето со недопрена природа и редовно прибежиште на кавадарчани, во тек на лето од жештините, а пак во зима, место кое нуди прекрасни снежни пејсажи.

Реконструкцијата на локалниот пат е реализација на Проект за локален развој на туризмот, финансиран од Владата со средства од Светска банка. Вкупната должина на патот е 6.230 метри, а финансиската вредност е 38 милиони денари.

За Михајлово, граѓаните знаат да кажат дека е белите дробови на Кавадарци.

Сместено во пазувите на Кожуф планина, на надморска височина од 1.200 метри, на само 40 километри од Кавадарци, односно на околу 130 километри од Скопје, одморалиштето опкружено со столетна борова и букова шума е омилена дестинација на туристи од сите краеви, излетници, љубители на планинарењето, на свежиот воздух и на недопрената природна убавина.

Сега, со патот кој ќе биде реконструиран комплетно до караулата, се очекува уште поголема навала на посетители од сите краеви.

Одморалиштето Михајлово беше доста популарно пред повеќе од 20 години, кога ученици од цела земја летуваа и зимуваа во прекрасната природа. Потоа, извесен период не беше во функција, за да од 2013 година биде реновирано и повторно пуштено во употреба.

Денес тоа повторно сјае како во минатото, кога голем број на генерации таму минуваа незаборавни моменти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости