Штрајкувачките одбори на редакциите Вест, Утрински и Дневник решија да го зголемат времетраењето на штрајкот од 4 на 6 часа заради игнорантскиот однос на менаџментот кој иако уредно информиран со недели не покажал интерес за средба со синдикалните претставници.
-Утре, 21 февруари, 2017 година ќе излезе 5.000 број на дневниот весник „Вест“. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк. Во претходните денови наместо разговор за решавање на проблемите се засилија притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и закани со отпуштања и казнувања. За сето ова ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции затоа што правото на штрајк е уставно гарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет. Решителноста на новинарите и медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува. Преку одбрана на нивните колективни права тие застануваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата, се вели во соопштението од новинарскиот синдикат.