Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) започна постапка за спроведување на супервизија над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита од страна на Државната изборна комисија (ДИК), по хакирањето на сајтот на изборниот ден.
-Вечерта по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, на 15 јули 2020 година, се случи инцидент каде одреден период не беа достапни веб страниците, односно веб услугите на ДИК. ДИК обработува голем број на лични податоци по својот обем и категории кои се поврзани со изборниот процес, а од кои одредени категории на лични податоци се достапни и по електронски пат. АЗЛП во врска со објавените информации за настанат инцидент, по службена должност ќе истражи и провери дали дошло да нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат од страна на ДИК, односно дали обработката на личните податоци била, односно е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци „Службен весник на Република Северна Македонија 42/20), се вели во соопштението од АЗЛП.
Од Агенцијата потенцираат дека согласно членот 37 став (1) од Законот за заштита на личните податоци „во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, контролорот (во конкретниот случај ДИК) веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за истото е должен да ја извести Агенцијата за нарушувањето на безбедноста на личните податоци, освен ако не постои веројатност нарушувањето на безбедноста на личните податоци да создаде ризик за правата и слободите на физичките лица, што Комисијата не го направила.