Се протестира и во Охрид, Куманово, Струмица и Штип

by Фокус

Освен во Скопје, попладнево се одржуваат протести против полициската бруталност и во Охрид и Куманово. И таму граѓаните се соочуваат со противуставно ограничување на нивното право за слободно движење.

Протестот во Охрид започна пред споменикот на Свети Кирил и Методиј на демонстрантите им беше оневозможено да протестираат пред СВР Охрид, бидејќи зградата е блокирана со силно полициско обезбедување. Граѓаните пред полицискиот кордон запалија свеќи во чест на убиениот Мартин Нешковски.

Кумановчани во 18 часот се собраа на градскиот плоштад и извикувајќи „Убијци“ се упатија кон зградата на СВР Куманово. Но, и таму ги пречека полициски кордон, кој го оневозможи нивното слободно движење. Во знак на ненасилство, граѓаните им подаруваа цвеќиња на полицајците. Беше барана одговорност за затскривањето на убиството на Нешковски и оставка од министерката Јанкулоска.

Протестот во Струмица започна од плоштадот Гоце Делчев, а освен против полициската бруталност, струмичани протестираа и против криењто на докази во истрагата за основачот на Фокус, Никола Младенов. Граѓаните се упатија кон Судот, кој беше под силно полициско обезбедување. Најавија дека до 17 мај, секој ден  ќе протестираат и ќе бараат оставка од актуелната Влада.

Повеќе стотина штипјани маршираа низ целиот град, барајќи одговорност за убиството на Мартин Нешковски и за полициската бруталност. Протестот започна од плоштадот кој го носи името „Слобода“, а граѓаните најавија дека ќе протестираат секој ден.

 

Фото: Кумановски муабети

Поврзани новости