Се проширува ланецот на старски домови во семејството на градоначалничката Арсовска, нов петти дом за стари лица во Петровец

by Fokus

Нов дом за стари лица никна во скопската населба Петровец, кој го носи името „Феникс Хоум“. За него се уште не можат да се најдат официјални податоци, но тој е дел од ланецот на старски домови „Феникс“, кои се распространети на повеќе локации низ Скопје.

Според фотографиите со кои располагаме, станува збор за луксузно опремен старски дом во скопски Петровец, кој е петти по ред во ланецот на домови зад чие портофолио индиректно се крие името на Ванчо Јовановски, таткото на актуелната градоначалничка на главниот град, Данела Арсовска. Иако, дел од тие домови, Јовановски ги дава по закуп, сепак на имотните листови од Катастарот фигурира неговото име.

Сепак, со оглед на тоа што се работи за штотуку отворен нов Дом за стари лица, неговите податоци се уште не се објавени на официјалната веб страница, каде што се наоѓаат останатите четири дома, „Феникс Премиум“ лоциран во скопски Капиштец, потоа „Феникс Фемили“, кој може да се најде во Пржино, треиот старски дом „Феникс Геромедикал“ се наоѓа во скопската населба Ѓорче Петров, додека пак „Феникс Гарден“ е во Црниче.

Сите четири старски домови имаат официјална веб страница на која за секој дом има посебно портфолио, каде се наоѓа, со што располага, какви услови нуди, како и фотогалерии од животот на старите лица, кои отседнуваат таму…Тука се и социјалните мрежи, каде наголемо се рекламираат.

„Фокус“ повеќе од две години се занимава со тоа што се поседува семејството на актуелната градоначалничка на Скопје. Официјалната документација од Катастарот за недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиниот татко  поседува куќи, згради, старски домови…Дел се на негово име, од дел од фирмите е излезен и неговото име не фигурира никаде, а дел од недвижниот имот што го поседува го дава и под закуп. Сепак, историјатот на промени покажува дека поседувал бројни фирми, од кои со тек на годините постепено излегува.

(АРХИВА) „Фокус“ направи фотографии од луксузните згради, старски домови, хотели на таткото на Арсовска

На еден од имотните листови, со кој располагме, кој исто така, фигурира на име на Јовановски, може да се забележи голема куќа со двор во скопско Пржино, на чија адреса е лоциран Домот за стари лица „Феникс Фемили“, кој е дел од ланецот старски домови.

Оваа голема куќа со дворно место од околу 1.000 квадратни метри се води на име на таткото на Арсовска, но очигледно објектот е изнајмен или ставен под закуп, а со старскиот дом управува извесен Благоја Стевановски, кој по професија е психијатар.

Во скопско Пржино, само на друга адреса, се наоѓа уште еден недвижен имот на Јовановски, а таму некогаш бил познатиот хотел „Империал“, каде што е лоцирана, исто така, уште една од компаниите што ги поседува. Тој е оддалечен 2,5 километри од плоштадот во Скопје, а во неговиот опис на официјалната страница се наведува дека хотелот на времето нудел висок луксуз, а уникатниот ентериер е мешавина од антички и од модерен мебел.

Но, истото место, според нашите информации, нешто подоцна се пренаменува во  Дом за стари лица „ПУЗС Хармонија“, во сопственост на Тодор Терзиев, кој, според податоците во имотниот лист, го зел од Јовановски под закуп на пет години, поточно од 2016 година. Тоа што успеавме да го дознаеме е дека сега старскиот дом е дислоциран во скопски Капиштец, во близина на скопските клиники.

Сепак, истиот тој објект во Пржино сега станува дел од ланецот старски домови „Феникс“, па за време на нашата посета забележавме дека на него е поставена табла „Феникс гарден“, Дом за стари лица. На самото место може да се види дека целиот двор е опкружен со зеленило и дрвја и дека, сепак, се работи за поголема квадратура од над 700 квадрати.

Тука веќе почнува нашата обиколка низ скопски Капиштец, каде што се наоѓа и старскиот дом „Феникс премиум“, кој е лоциран во строгиот центар на градот. На официјалната веб-страница, во описот за Домот се наведува дека претставува луксузен објект за стари лица со пет ѕвезди. Секоја соба е опремена по врвни стандарди, со сопствена бања, фрижидер и телевизор.

Тоа што е карактеристично е дека на таа иста адреса се наоѓа уште една од компаниите на семејството Јовановски, но, според документите од Централен регистар, фирмата фигурира на име на Дане Јовановски, познат и како брат на Арсовска. Тој објект на времето бил хотелот „Ројал“, кој сега е пренаменет, исто така во старски дом.

(АРХИВА) Што се поседува семејството на градоначалничката Арсовска?

Но, тоа не е се. Фокус“ пред повеќе од една година откри нов имот на таткото на скопската градоначалничка, Ванчо Јовановски. Според документацијата со која располагаме, фирмата „Титан Моторс“, основана од Јовановски и уште едно лице, кои и денес се нејзини сопственици, поседува земјиште од над 17 илјади квадратни метри распространето на 6 катастарски парцели, каде што се вцртани неколку градежни парцели во скопската Општина Гази Баба, во непосредна близина на шпедицијата „Фершпед“ и винаријата „Сковин“. На овој имот постојат два деловни објекти, каде што, всушност, е сместена шпедиција, но подигнати се две хали.

(АРХИВА) Таткото на „градската мајка“ изнајмува деловни објекти и гради хали на земјиште од 17 илјади квадратни метри во Гази Баба!

Арсовска веќе четврта година по ред е градоначалничка на Скопје, со што во октомври завршува нејзиниот мандат. За целиот овој период таа успеа да ги наруши односите со владејачката гарнитура, од која ја доби поддршката на последните локални избори, да смени повеќе од 30 директори и да направи тотален хаос во Град Скопје и во јавните претпријатија.

Ирена МУЛАЧКА 

 

 

 

 

 

Поврзани новости