СЕ ПРЕТЕРА ЛИ И СО НОВИНАРСТВОТО!?

by Фокус 19:42
19:42

ПишуваКирил ЕФРЕМОВСКИ

И повторно за медиумите. Се посилно е чуството дека тие одамна не се четвртата власт. Пред повеќе години, голем дел од највлијателните и најмоќните од нив, станаа привезоци и извршители на политиките на едната или на другата најголема партија и со тоа го загубија тоа својство. Тие поради пари заборавија на нивната првенствена улога на информатори, пренесувачи на вести и креирачи на јавното мислење.

- Advertisements -

Скоро десет години највлијателните телевизии се апологети на власта, и нивниот интерес не е и јавниот, туку исклучиво и само оној дил-ориентед на потребите и мотиви за уште поголеми пари и моќ. Се продадоа за големи пари, заборавија на новинарството. Затоа кога преговараат и се договараат и со партиите и со странците, зошто не бидат барем малку поискрени прво кон себе , а и меѓусебно, и не си признаат отворено пред да се вратат назад на масата која веќе не е само нивна и само зелена.

ОПОЗИЦИЈАТА ВО ДЕФАНЗИВА!

Се претерува ли со се овде, па и со новинарството? Како да се опише генералната општествена клима, диктирана од тоа што продуцираат и произведуваат токму тие медиуми, кога најголем дел од настаните суштински за иднината на државата, особено важни за општествениот развој не добиваат на никакво значење кај генералната јавност, бидејќи никој сериозно не ги третира и есапи.

За сметка на тоа, во јавното мислење и понатаму доминираат теми кои во секое здраво поставено општество, со сериозно изградени критериуми, вредносни норми и морал, едвај би го поминале филтерот на таблоидното новинарство и „жутата штампа“, а камо ли да бидат теми со кои би се отворале изданијата на главните вести на телевизиите и насловните страни во весниците?

Машинеријата на власта темелно и неуморно одработува уште една предизборна кампања, а пропагадните мегафони ревоносно и натаму сервисираат, како воопшто да немало сериозни забелешки баш заради тоа,

како оние во последниот извештај на ЕУ. Опозицијата влезе во сериозна дефанзива, а состојбата во која самите си се најдоа дополнително ја продлабочуват и комплицираат последните несреќни изјави на нивниот лидер и за медиумите.

Додека најголемите и влијателните медиуми и понатаму фризираат, добар дел од онаа јавност која треба да биде промената, што треба сите да ја видиме на изборите во април, веќе трета недела се занимава со Дунавка. Прифатни фирми организират протест пред втората најголема болница во државава и бараат лешеви за пари, урлаат со сирени, а тоа нивно поведение никој битен во државава нит го осудува ниту пак есапи за сериозно, освен за хумор!

ЛАМЕНТИРААТ ЗА ЈАВЕН ИНТЕРЕС

Како да се премолчат вестите леферувани вчера дека за последната акција за Денот на дрвото се употребиле и засадиле три милиони садници?! Може ли во држава која има милион и пол население да се засадат три милиони садници за половина ден? Дали секој жител излегол од дома и засадил по две? Па дали имате барем грам усул кога ги лупате ваквите бројќи? Се прашувате ли воопшто какви наредби читате?

Се прашувам со кој ум и за кои пари, се пренесуваат вестите и соопштенија дека воздухот бил позагаден кога СДСМ била на власт. Помалку ли боли и се умира кога загадениот воздух го дишат и умираат членови на партии, а не подеднакво граѓаните на Македонија?

Која е таа перверзија кога најблиските уредници на премиерот, (што му одат и по дома) оние истите кои по телефон велат дека прават „куртон вести“ за владата и земаат барем по два милиони евра, пред камери ламентираат дека и тие штителе јавен интерес. И за да биде иронијата уште поголема, тоа го кажуваат на каналот на националната телевизија, која години и години наназад ништо не прави за тој јавен интерес соодветно го заштити.

Каква е таа ситуација, и зошто нема соодветна државна реакција, кога некои фамозни новинарски пера заговараат укинување на странски проекти, донации и помошти, кои претходно ги одобрил и потпишал како билатерална соработка и договори, нивниот министер за финансии, а молчат кога премиерот по два пати сече ленти на исти сали и игралишта? И тоа ли е бранење на јавниот интерес и борба да се зачува македонштината или само паламудење во обид да се спречат сите оние кои сакаат да кажат нешто поразлично и критички за процесите и уривањето на сите цивилизациски и европски вредности што ги сведочиме сите?

КАДЕ ОДИ МАКЕДОНИЈА?

Каде оди Македонија, а каде одат останатите држави во регионалното опкружување? Какво е тоа бранење на јавниот интерес и креирање на јавното

мислење што не дозволува ниту третира теми и прашања кои му се случуваат на регионот, а влијаат и на домашните процеси. Веќе втора недела по ред кај нашите соседи доаѓаат претставници од највлијателните и најмоќни држави во светот, а тие информации овде се пренесуваат како штури агенциски соопштенија.

Првите преставници на најмоќната држава во светот се на триста километри од Скопје и праќаат пораки, а ниту за нашата влада, ниту за највлијателните медиуми ваквите факти не значат ништо. За нас не е сериозна вест и тема ниту кога официјален Вашингтон за само една недела, по втор пат соопштува дека прашањето за спорот за името со соседна Грција сериозно ќе се разговара и на претстојната средба на секретарот Кери во Атина веќе следниот викенд. Дали и овие информации не се доволно значајни и сериозни, па покрај бавењето со „аудиото“ на Спасовски ќе почнеме и нив да ги третираме онака како заслужуваат и тоа во ударните вечерни термини.

Каква е оваа ситуација и како дојдовме до овде во моментов е второстепено, од тоа како истата да ја надминеме. Општеството ни стана дополнително превртено и уназадено поради дил-ориентед спрегите на власта и нејзините трубадури. Прашање за дебата е дали и кога таа спрега ќе престане.

Но сакале да верувате или не, ваквата ситуација, ваквото третирање на јавноста и суштинските општествени процеси се неодржливи и нема да тераат уште долго, макар и во иднина да се „субвенционираат“ со нови стотици милиони евра и од моите пари. Штетите се направени, но доколку набрзо не започнат новите процеси, а досегашниот тренд не престане, се’ ќе ни се удри од глава на сите.

Поврзани новости