Се повеќе пензионери од Македонија учествуваат на атлетски трки: Трчањето не подмладува!

by fokus

Се поголем број на пензионери од земјава почесто можат да се забележат како учесници на атлетски трки, полумаратони, па дури и маратони кои се одржуваат низ градовите. Ако во минатото на атлетските трки кај нас пензионерите најчесто беа од Велика Британија и Скандинавските земји, последнава деценија таа слика се промени, и нашите пензионери во се поголем број се одлучуваат за овој спортски предизвик.

Како што раскажува за ,,Фокус” Гордана Кузмановска Николовска, генерален секретар во Македонската триатлон федерација, како и генерален секретар во Сојуз на спортови Скопје, под чија организација се Скопски маратон, Скопје трча 10К и Женска трка, вели дека ја радува што на атлетските патеки се повеќе расте бројот на повозарасни учесници.

90-годишниот мартонец во Белград

-На трките во Белград, на пример, активен е учесник кој има околу 90 години. Кај нас, официјално, највозрасен е Самде Стојановски од Скопје, кој има 76 години. Тој успева да трча на маратони, односно без проблем ги совладува патеките од 42 километри.

Стојановски, највозрасниот маратонец кај нас

Ќе ги спомнам Бранислав Јаргиќ, Станимира Тасевска, Милан Цветковски… сите тие се пензионери кои имаат над 65 години. Голем е бројот на повозрасни атлетичари, а генерално, како во целиот свет така и кај нас, помал е бројот на пензионерки учеснички на трки, отколку на пензионери.

Мотивацијата на повозрасните е да останат во добро здравје и физички активни до длабока старост. Спортот ја продолжува младоста, не е само физичката активност, тука е и дружењето, патувањата и постигнување на одлични резултати и во постари години- вели Кузмановска Николовска.

Гордана и татко и Ѓорѓи

Потсетува на нејзиниот татко Ѓорѓи Кузмановски, истакнат спортски работник, претседател на Сојузот на спортови на Скопје и основачот на триатлонот во Македонија, кој почина лани, на 80-годишна возраст.

-Татко ми беше идеален пример. Велосипедист и мотоциклист до последен ден, активен спортист до својата осумдесетта година – раскажува Гордана.

За тоа дека атлетиката станува се попривлечна за повозрасните граѓани, сведочи и минатонеделната женска ноќна трка во Битола, каде највозрасната учесничка беше на возраст од 76 години. Станува збор за битолчанката Доста Лазаревска, која без проблем истрча пет километри.

Кавадаречкиот пензионер Ристо Ставров пак, го започнал своето атлетско патешествие неодамна, на свои 68 години, и не планирал да запре, туку од почетните трки на пет километри, сега започнал да се подготвува за трки на десет километри.

Ристо Ставров

-Кој беше мотивот на пензионерски денови да започнам со трчање? Па, секогаш во животот сум сакал предизвици. Да видам до каде можам. Кога дојдов до пензија решив да правам нешто што не сум го правел до сега.

Учествував на четири трки во рок од три месеци. Во Кавадарци, Штип, каде што имаше прекрасна организација, Струга, и последната во Велес на 11-ти јуни.

Трчам на пет километри, а официјално најдобро време ми е 36,12 минути.
Сега се подготвувам за 10 километри, па ќе видиме, вели Ставров, кој не крие дека трчањето му е одличен начин за одржување на физичката активност, а дружбата на трките и самото тоа да се биде дел од нив, на некој начин како да ги подмладува пензионерите учесници.

Според податоците на Тагтајминг Македонија, голем е бројот на учесници на трки, родени во педесеттите, а ги има и родени во четириесеттите години на минатиот век. Нивните податоци се истакнати во делот со резултати од трките, а најчесто станува збор за атлетски трки на пет или десет километри.

Вики Клинчарова

Поврзани новости